„Македонска приказна" на Театарот за деца и младинци во Прага

 

Македонскиот театар за деца и младинци, утре, со претставата ,,Македонска приказна", ќе настапи во театарот Редута, во Прага, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.  

Гостувањето на ансамблот на Театарот, кое е овозможено со поддршка на Македонската амбасада во Чешка, е дел од Македонските денови на културата што Министерството за култура на РМ, од почетокот на годинава ги организира во Прага, по повод одбележување 20-годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Чешка.

- Театарот за деца и младинци - Скопје претходно гостувал во Прага, со претставата ,,Зрното грашок и принцезата", во далечната 1998 година и многу сум среќен и возбуден што по 16 години повторно ќе бидеме гости во чешката престолнина, изјави за МИА директорот Драган Довлев.

Довлев додаде дека претставата ,, Македонска приказна" не само што е една од најпознатите и убедливо најнаградуваната претстава, туку таа по содржина е вистинска лична карта на македонската култура, фолклор и обичаи.

- Сигурен сум дека оваа претстава ќе биде вистинско уживање за чешките деца, бидејќи нема текст, кој би претставувал јазична бариера, вели Довлев за дејствието во кое актерите, преку илустрација со стари македонски ора и песни, како и предмети од секојдневниот селски живот создаваат разни форми на животни и луѓе, кои ја поттикнуваат детската имагинација и фантазија.

Учеството на искусната актерска екипа која ја сочинуваат Тања П. Кочовска, Ана Левајковиќ-Бошков, Катарина Илиевска-Силјановска, Владимир Лазовски и Предраг Павловски гарантира создавање и препознавање на форми и игри интересни не само за децата туку и за возрасните. 

-,,Македонска приказна" е последно меѓународно претставување на Театарот за деца и младинци за 2014 година. Следната година, би сакале повторно да бидеме гости во Чешка, во градот Плзењ кој ќе биде Европски град на културата за 2015 година и тоа ќе биде познато кога Министерството за култура ќе ја објави Годишната програма за меѓународна соработка на националните театри, најави директорот Довлев.

15.11.2014 - 12:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега