Кој авиобренд ќе лета под македонско знаме?

Повторно ќе летаат авиони со македонско знаме и македонски ознаки. Започна процедурата за формирање на национален авиопревозник. Министерството за транспорт и врски бара консултантска компанија која ќе треба  да ја утврди економската оправданост за проектот, а истовремено да анимира реномирани странски авиокомпании, како и да ја советува Владата за избор на најквалитената понуда, пишува Лидер.

Консултанска куќа ќе треба да направи анализа на пазарот- дали познати брендови во авиобизнисот се заинтересирани да оперираат преку стратешко партнерство со државата.

Националниот авиопревозник ќе ја промовира државата, ќе го помогне развојот на домашната авиоиндустрија, ќе донесе бенефит со нова флота авиони, нови вработувања, дестинации. Дополнително ќе влијае врз зголемувањето на бројот на патници. Експертите од авиосообраќајот велат дека со модерни аеродроми и над милион превезени патници, вистински момент е да се најде компанија што ќе лета под македонското знаме.

Според познавачите на авиоиндустријата, позитивно е тоа што стручните кадри кои работат во странство, како пилоти и стјуардеси, ќе се вратат во земјава, а истовремено ќе се отворат и нови работни места во воздухопловната индустрија. Воедно, со националниот авиопревозник, Скопје ќе стане регионален центар на авиосообраќајот, велат познавачите.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, неодамна информираше дека треба да се стават на хартија сите услови и поволности кои може Владата да ги понуди, како субвенции и специјални линии за националниот авиопревозник, а кога ќе биде готов тој пакет, тогаш предвидено е да се направат неколку роуд шоуа, каде што тој пакет, како можност за воспоставување на база во Македонија ќе се понуди до поголем број светски познати авиокомпании, европски, но и надвор од Европа.

Во текот на следната година, реално е да се очекуваат поволни понуди и Македонија да добие национален авиопревозник.

Расте бројот на превезени патници, субвенции за евтини летови и в година

Евтините авиолетови направија вистински бум во авиосообраќајот. Бројот на превезени патници од 2009-та па наваму порасна за 66%. За девет месеци годинава има пораст на превезени патници на „Александар Велики“ за 21 процент. Споредено со лани, за 13,3 % е поголем бројот на летови, а 40 % е потежок карго транспортот. Минатиот месец беше пречекан и милионитиот патник.

15 авиокомпании во моментов оперираат кон 36 европски дестинации, а најмногу, 40 лета неделно има Виз Ер. Истнабул, Виена, Цирих, Лондон, Базел се најпопуларни дестинации. Според информациите, најфрекфентен ден годинава беше 4-ти август со 5.793 патници, а на 2-ри септември имаше најголем број на полетувања и слетувања.

Милион услужени патници е голем успех за македонскиот авиосообраќај, велат надлежните, а до крајот на овој месец се очекува и десетилјадитиот лет за оваа година.

Владата продолжува со субвенционирање на авиокомпании што ќе донесат поконкуренти цени. Министерството за транспорт и врски на почетокот на следната година ќе распише нов јавен меѓународен повик во конкурентна тендерска постапка за доделување финансиска поддршка со цел развој на воздухопловниот сектор во Република Македонија и воздушниот сообраќај да биде што подостапен за граѓаните на Република Македонија.

Се очекува континуитетот на оперирање на нискобуџетните компании да продолжи за новогодишните празници, за кога и се предвидува поголема фрекфенција на патници во авиосообраќајот.

Според најавите, до крајот на оваа година може да се очекува бројка од превезени околу милион и двесте илјади патници. Следен предизвик во авиосообраќајот е развивање на Охридскиот аеродром и воспоставување на директни линии од Охрид кон европски центри.

14.11.2014 - 11:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега