Рефрени за паметење и претставник за Евровизија- што да очекуваме од Скопскиот фестивал?

Извонредни 20 композиции од врвни македонски изведувачи на модерна сцена, бројни хитови и рефрени кои ќе се паметат- Скопски фестивал вечерва повторно ќе докаже дека е еден од најдобрите кај нас. Вредни парични награди за најдобрите, а победникот ќе нè преставува на Изборот за Песна на Евровизија за 2015 година. За сите детали за оваа фестивалска магија Курир разговараше со Мери Попова, уредник на културно-уметничката програма на МТВ.

На само неколку часа од третото издание на обновениот Скопски фестивал, што да очекуваме?

-Со огромно задоволство можам да кажам дека и оваа година, трета по ред го задржавме главното обележје на Скопски фестивал, а тоа е 20 извонредни композиции изведени од врвни македонски изведувачи во придружба на Ревискиот оркестар на Македонската Радио Телевизија. Станува збор за комплетни авторски дела, одлична беспрекорна изведба, што на сцената ќе ја пренесат фестивалската магија. Скопски фестивал уште еднаш е главната културна и музичка манифестација во градот. Сè е ставено во функција на совршена фестивалска вечер и сигурна сум дека ќе ја постигнеме целта а тоа е да ја разубавиме и оваа есен со прекрасна музичка манифестација што ќе се памети и рефрени што ќе станат хитови и ќе се пеат и понатаму, вели Попова за КУРИР.

Дали и оваа година ја задржувате истата форма или можеби внесени се некои измени?

-Зад нас имаме многу успешни две изданија со концепт кој што се потврди, така што несомнено ја најдовме вистинската формула која што ќе даде одлични резултати. Така што оваа година само продолжуваме со воспоставениот концепт, македонската современа песна, учество на македонски изведувачи, изведување на песните на македонски јазик, добро поставени пропозиции, изведба на песните во живо со оркестарска придружба, поставување на стандарди и критериуми за издржан фестивал по форма и квалитет.

Измината година беа доделени високи парични награди, дали и оваа година останува истата награда за најдобрите изведувачи?

-Секако и веруваме дека ова е соодветна награда за врвни авторски дела. За трите најдобри композиции ќе бидат доделени вредни парични награди, поточно 20 илјади евра во денарска против вредност за првопласираната, 10 илјади за второто место и 5 илјади евра во денарска против вредност за третото освоено место. А како дополнителен стимул е фактот што оваа година победникот на фестивалот ќе нè преставува на Изборот за Песна на Евровизија за 2015 година. Кога веќе воспоставуваме фестивалска традиција и музичка вечер издигната на високо ниво, треба да почнеме на оваа манифестација да гледаме од повеќе аспекти, пред сè да го цениме авторството и креацијата, талентите и вокалните изведби на артистите и на крајот треба да знаеме дека фестивалот преку музичките композиции ја пишува македонската музичка историја, ги негува македонскиот јазик и македонската фестивалска песна. Вредноста на овие категории во пошироки рамки е непроценлива.

Најавивте нов систем за гласање?

-Начинот на гласање е идентичен со евровизискиот модел на гласање односно по системот на телевоутинг и оценување од страна на меѓународно стручно жири, во сооднос 50 - 50 проценти. Најдобрите три композиции од фестивалот ќе бидат наградени со финансиски средства а како што кажав првонаградената покрај тоа ќе ја претставува Македонија на годинешниот избор за Евровизија. Со овој систем го заштитуваме фестивалот, песните и изведувачите со тоа што избравме одличен, проверен и сигурен метод за гласање.

Оваа година се навршуваат два значајни јубилеи, дали тоа ќе даде дополнителен сјај на фестивалското издание?

-Оваа година се одбележуваат два многу значајни јубилеи, 70 години на Македонското Радио и 50 години на Македонската Телевизија. Тој факт не прави посебно горди и радосни, токму затоа што Скопскиот фестивал се роди и израсна токму од овие две институции и секако дека дава дополнителен сјај и значење на фестивалскиот свечен чин и атмосфера. Но, исто так би сакала да потенцирам дека оваа година чекориме во пресрет и на прославата на 60 –тото  јубилејно издание на Изборот за песна на Евровизија – идната година во Австрија – Виена 2015та година, што нас како тим што работиме на фестивалот и дека, токму овој победник ќе не преставува на јубилејното евровизиско издание, ни дава обврска но и мотивација да бидеме доследни и беспрекорни во организирање на одличен музички настан.

12.11.2014 - 15:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега