МТСП детално го испитува и расчистува случајот во Кавадарци

 

Сопругата на трикратниот убиец во Кавадарци кој ги уби нејзините родители и сестра, иако покренала постапка за семејно насилство во август годинава, до пред една недела немала дадено согласност за постапување судска постапка за изрекување привремени мерки за заштита на жртвата, со што службите во Центарот за социјална работа не можеле да преземат соодветни мерки.

- Со оглед на фактот што од страна на жртвата до пред една недела не е дадена согласност за поведување судска постапка за изрекување привремени мерки за заштита на жртвата во тој случај рацете на Центарот за социјални работи и на службите се врзани во насока на преземање на привремени мерки. Постапката по сегашниот Закон за семејство предвидува жртвата кога пријавува семејно насилство да даде согласност за покренување граѓанска постапка пред надлежниот суд за изрекување мерка привремена заштита, иако од пријавувањето до сега, во изминатите неколку месеци, комуникацијата со жртвата понатаму продложува во насока на психо-социјална работа и советување, изјави за МИА министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Појасни дека дополнително се покренати и други постапки од надлежни институции.

- По случајот има постапувано Јавното обвинителство и МВР, односно надлежната полиција. Дополнително изминатиов период е покрената и бракоразводна постапка и постапка на мирење помеѓу брачните другари. Практично неколку постапки се вклучени во овој случај и сите тие сами по себе се специфични и комплексни, вели Спасов.

Се работи за сложен и комплексен случај, додава министерот, чија што постапка е водена и во Министерството за внатрешни работи и во Центарот за социјални работи во Кавадарци, а не во Министерсвото за труд и социјална политика, бидејќи, како што потенцира, постапките за семејно насилство се водат во месно надлежните центри за социјална работа.

Изразвувајќи жалење и сочувство за семејството на жртвите и згрозеност од убиствата и како што вели, грозоморниот чин, најави дека социјална инспекција ќе проверува дали Центарот за социјални работи и службите постапувале согласно предвидените законски одредби и ако се констатираат неправилности во водењето на постапките ќе бидат преземени соодветни мерки.

- Ние како МТСП веќе дадовме налог и покрај информациите што ги имавме за постапувањето на надлежните  служби  во однос на овој случај социјалната инспекција и Заводот за социјални дејности  со цел да ги провери сите детали во однос на овој случај и дали надлежните служби постапувале согласно закон и според предвидените рокови за постапување. Доколку се откријат одредени недостатоци при постапувањето на службените лица ќе се преземат и соодветни мерки, рече министерот за труд и социјална политика.

За да се избегнат вакви случаи во иднина, додава Спасов, се донесе и новиот Закон за превенција, заштита и спречување на семејно насилство кој треба да стапи на сила од 1 јануари 2015 година.

- Со овој нов Закон ќе се обезбеди значително поголема заштита на жртвите. Со него се предвидени значително поголеми казни за сторителите на семејно насилство. Во случај кога нема согласност од страна на жртвата за покренување постапка пред надлежен суд да се изречат привремени мерки за заштита е предвидено доколку во семејството во кое се врши семејно насилство е присутно дете да не се бара ничија согласност односно надлежните институции да започнат постапка за заштита на жртвите од семејно насилство, рече Спасов.

Дополнително, како што појаснува, во случај на опасност по животот на жртвата предвидена е и мерка за отстранување на сторителот на семејно насилство од сопствениот дом.

12.11.2014 - 15:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега