Три чекори до сурогат мајчинство

Стапија во сила измените и дополнувањата на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) со кој се воведе можноста за добивање дете со раѓање од страна на друга жена или таканареченото сурогат мајчинство. Од крајот на октомври може да се користат сите механизми воведени како новина со овие законски измени.

Ова денеска на прес-конференција го истакна Татјана Васиќ-Бозаџиева, државен советник во Министерството за здравство, која рече дека новината се однесува на сите брачни двојки кои не може да ја реализираат родителската улога по природен пат и на сите хумани жени кои од алтруистички побуди би родиле деца за овие брачни двојки за да им го покажат патот за остварување на овие можности.

- Првиот чекор што треба да го направат заинтересираните е да се обратат во Министерството за здравство, да достават документација со која потврдуваат дека ги исполнуваат условите. До Министерството може да се обратат жени на возраст од најмалку 25 години живот и повозрасни, односно на возраст за која е оценето дека е во добра психофизичка и општа здравствена состојба која и овозможува на жената здрава бременост и раѓање на здраво дете. Покрај тоа, жените треба да бидат мајки на најмалку едно дете и да бидат македонски државјани, посочи Васиќ-Бозаџиева.

Од друга страна, до Министерството, истакна таа, може да се обратат брачни двојки, државјани на Република Македонија, кои имаат проблем со женски или машки стерилитет, односно жената од брачната двојка нема матка и/или има оштетена матка, нема јајници и/или има оштетени јајници, а мажот од брачната двојка исто така истовремено може да има стерилитет кој не може да биде излекуван, како и во случај кога брачната двојка дотогаш имала три неуспешни бремености на жената.

- Министерството за здравство води два регистри, од кои еден за жените кои се потенцијални гестациски носители, а другиот за брачните двојки. Министерството ги внесува податоците во овие регистри откако ќе утврди дека се исполнети условите со што се заокружува неговата улога во оваа фаза на утврдување на статусот на потенцијален гестациски носител, односно брачна двојка која има право да побара раѓање на дете од друга жена, речеВасиќ-Бозаџиева.

Појасни дека вториот чекор што треба да го направат заинтересираните брачни двојки е да се обратат во Министерството за здравство со барање за увид во соодветниот регистар заради вршење избор на гестациски носител.

Изборот на гестацискиот носител, нагласи таа, не го врши Министерството за здравство, туку самата брачна двојка, која има право на пристап до податоците во регистарот на жени-гестациски носители заради вршење избор и за таа цел повторно се обраќа до Министерството за здравство со барање за увид во соодветниот регистар.

- Само за илустрација, во постапката за посвојување дете, Комисијата за посвојување врши избор на најсоодветен посвоител по електронски пат од првите три можни посвоители од листата на можни посвоители. Значи, улогата на Министерството за здравство е да ја гарантира законитоста на постапката, но не и да се вклучува во поврзувањето на брачната двојка и гестацискиот носител, потенцира Васиќ-Бозаџиева.

Укажа дека третиот чекор што треба да го направат заинтересираните брачни двојки е да се обратат во Министерството за здравство за да ја почнат постапката за БПО со гестациски носител, а тоа го прават со доставување писмено барање до Министерството за здравство. Појасни дека за да почне постапката на БПО со гестациски носител, потребно е сите учесници во постапката да се согласат (со давање на писмена изјава заверена кај нотар) и претходно да бидат стручно советувани за психолошките и правните последици од оваа постапка, од страна на Комисијата за психолошко советување и Комисијата за правно советување.

Министерството за здравство по добивање на писменото барање, рече Васиќ-Бозаџиева, ќе утврди дали се исполнети сите услови од овој Закон за поведување на постапката и писмено ќе ја извести брачната двојка и потенцијалниот гестациски носител.

- Доколку се исполнети условите за поведување на постапка на БПО со гестациски носител, брачната двојка и потенцијалниот гестациски носител склучуваат договор за уредување на меѓусебните права и обврски кои произлегуваат од таа постапка. Брачната двојка и потенцијалниот гестациски носител можат да ја повлечат согласноста се додека ембрионот не е внесен во матката на жената гестациски носител, а најдоцна два дена пред денот на внесувањето на ембрионот во матката на жената гестациски носител, посочи Васиќ-Бозаџиева.

Нагласи дека за разговор на оваа тема и одговарање на сите прашања кои ги имаат брачните двојки или жените кои би сакале да бидат гестациски носители, Министерството за здравство во секое време е отворено за комуникација.

Брачната двојка има право да бара поведување на две постапки на БПО со гестациски носител кои успешно ќе завршат со раѓање на по едно живо дете од секоја постапка, додека гестацискиот носител има право само еднаш да роди едно живо дете за друг. Гестацискиот носител и жената од брачната двојка која е во работен однос ги има сите права од областа на работните односи, пензиското и инвалидското осигурување и здравственото осигурување по основ на бременост и раѓање.

- Тоа значи дека гестацискиот носител која е во работен однос има право на отсуство од работа поради бременост и раѓање во времетраење од 45 дена од денот на раѓањето на детето. Жената од брачната двојка остварува право на породилно отсуство како да го родила детето. Во име на Министерството за здравство ги повикувам сите брачни двојки кои сакаат да ја остварат родителската улога и сите хумани жени кои сакаат да им помогнат да се обратат до Министерството за здравство. Тоа може да го направат уште денеска, додаде Васиќ-Бозаџиева. 

МИА

12.11.2014 - 14:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа