Парите ќе го следат пациентот - еве какви промени доаѓаат во македонското здравство

 

Со сет од 10 мерки Министерството за здравство ќе го подобрува дијагностицирањето на најтешките заболувања и ќе го крати времето на чекање за дијагностицирање. Тоа треба да ги намали гужвите, но и овозможи оптимална искористеност на опремата и стучниот кадар, информираше на денешната прес-конференција, министерот за здравство Никола Тодоров.

Мерките, меѓудругото, предвидуваат намалување на времето на чекање за резултатите од најголемиот број потребни анализи на седум дена, користење на електронски систем на закажување, рамномерно распоредување на случаите, намалено плаќање доколку резултатите од анализите доцнат, но и  воведување принцип „парите го следат пациентот“ односно за услугата да и биде платено на онаа установа која ќе ја изврши и тоа од страна на здравствена установа која можела и требала, а не ја извршила туку пациентот го препратила во друга.

- Согласно мерките 80 проценти од сите дијагностички биопсии за кои е подготвен извештај, се потврдени и авторизирани, да бидат во рок од 7 дена од биопсијата и тоа да се постигне од јануари 2014, а тој процент да се зголеми на 90 проценти од јануари 2015 година. Исто така, 80 проценти од сите хистопатолошки и дијагностички цитолошки финални извештаи да бидат изготвени во рок од 10 дена и тоа од јануари 2014, и овој процент да се зголеми на 90 од јануари 2015 година, истакна Тодоров.

Сепак, додаде тој, мора да бидеме свесни дека голем број случаи не можат веднаш да се анализираат, односно за некои покомплексни случаи неопходни се дополнителни анализи, пребојувања, за што, како што истакна, е потребно дополнително време.

Според Тодоров, особено е значајна мерката која предвидува намалено плаќање на здравствената установа од страна на ФЗОМ доколку има доцнење на резултатите.

- Така, доколку со индикатор за одредена анализа е предвидено анализата да биде направена во рок од 10 дена и доколку не се испочитува овој рок, предвидено е да се намали сумата што ФЗОМ ја плаќа до здравствената установа, и тоа 5 проценти за секој ден задоцнување, истакна министерот за здравство.

Значајна мерка, подвлече Тодоров, е и онаа која треба да оневозможи ситуации, одредени процедури кои можат да се изведуваат во другите градови да се праќаат во Скопје и непотребно да се преоптеретуваат патолозите, радиолозите и да се содаваат гужви.

- Воведен е принципот „парите го следат пациентот”. Според него, на пример, доколку за определена патолошка анализа која што може да се изврши во Општа болница Велес пациентот или анализата е неоправдано препратена во Скопје, тогаш од здравствената установа во Скопје анализата ќе биде изготвена, но услугата ќе биде наплатена и фактурирана до установата во Велес, која неоправдано го препратила пациентот или анализата. На болницата во Велес нема да и бидат исплатени средства од ФЗОМ предвидени за таква анализа. Тоа ќе биде двојна казна за неизвршената услуга, рече Тодоров.

Министерството за здравство, исто така, ќе ја прераспределува опремата од установите во кои не се користи, до оние каде се користи со цел да се дадат поголем број здравствени услуги на пациентите.

- На пример ултразвукот од Клиниката за онкологија и радиотерапија не се користи. Таму досега се правени тенко-иглени биопсии на слепо без ултразвук. Таа опрема ќе се префрли на Клиниката за радиологија. Имавме случај да доктор на онкологија, во целосно спротивност со стандардите на современата медицина, правел биопсии на слепо (без ехо) и покрај постоењето на опремата, и тоа тенко-иглени аспирации, наместо она што е стандард во современата медицина, а тоа се т.н. core иопсии или ткивно-иглени биопсии, рече Тодоров.

Додаде дека такви биопсии се прават во ГОБ „8 Септември“, и оти на Клиниката за онкологија ќе се прават кога ќе има стручно лице да ги прави.

Мерките на Министерството за здравство предвидуваат точно да се утврди бројот на интервенции (решени радиолошки, патолошки, патофизиолошки случаи), да се спореди со добрите меѓународни практики и да се изврши соодветно зголемување на обемот на работа, но и да се вклучи Институтот за нуклеарна медицина и патофизиологија во Националниот систем за закажување Мој Термин – со цел поголема контрола и транспарентност на листата на чекање што ќе има ефект и на намалувањето на времето на чекање, а забрануваат пациентите сами да ги ностат примероците до местата каде ќе се врши патолошка анализа.

Мерките налагаат доследно да се применува упатство за начинот на упатување на дијагностички процедури за радиолошка дијагностика и начинот на издавање на резултати за да се намалат ситуации каде непотребно, во спротивност со Упатството, се праќаат пациентите на снимања, со што се зголемува обемот на работа и се зголемува времето на чекање на оние за кои интервенциите се потребни.

Сите овие мерки, Мерките, рече Тодоров, се резултат на зголемената инциденца на бројот на малигни заболувања и состојби кои бараат вакли испитувања и анализи, на неоправданите препраќања на пациентите, на недоволниот број вработени во институтите, но и недоволен број специјализации.

Затоа, додаде тој, гледавме да изготвиме мерки кои веднаш можат да дадат резултати и ќе ги подобрат состојбите, а истовремено веќе се вработува потребен кадар и се даваат потребните специјализации.

најчитано сега