„Владиката Агатангел е потполно во право“ - Иларион ги поддржува протестите за „Свети Константин и Елена“
Митрополитот на Брегалничката епархија господин Иларион му даде подршка на митрополитот на Повардарската епархија господин Агатангел, кој учествуваше во протестите против рушењето на црква „Свети Константин и царица Елена“ во Скопје.
- Владиката Агатангел е потполно во право, затоа што владиката Агатангел дал заклетва дека ќе го чува и пази својот народ, ќе се моли за својот народ. Но, исто така ќе се грижи и за својата црква, но не само дека е православен епископ, знаеме дека тој е и по националност Македонец. Тој е должен да се грижи и за светата вера, но и за својата татковина Република Македонија. Тоа е должност на секој епископ да се грижи покрај за духовните работи и за националните, бидејќи знаеме дека низ вековите до денес мајката црква не зачувала и благодарение на мајката црква ние сме тоа што сме и владиката Агатангел пак ќе речам е во потполно во право, бидејќи тој беше во одбрана на својата црква , на својот народ и на својата татковина Република Македонија, рече владиката Иларион.
Тој денеска во соборниот храм „Свети Никола“ во Штип одржа свечена литургија по повод неделата на слепиот, кој во православната црква се чествува петта недела по воскреснувањето на Исус Христос.
На литургијата присуствуваа и членовите на Здружението на слепи лица од Штип, а нивниот претседател Драги Витанов најави дека ова чествување на празникот ќе стане и традиционално. Покрај тоа што Здружението на слепи лица во Штип имаат подршка од Брегалничката епархија, тие велат дека подршка ќе добијат и од градоначалникот, Илчо Захариев со кој очекуваат да остварат и одредени проекти.
ФОТО: А1Он