Черчил им сугерирал на Американците да фрлат атомска бомба врз Кремљ

 

Од таен документ од архивот на ФБИ е откриено дека Винстон Черчил по завршувањето на Втората светска војна кај Американците апелирал да фрлат атомска бомба врз Кремљ, затоа што сметал дека е тоа единствениот начин за спречување на ширењето на комунизмот кон Запад.

Како што пишува Дејли Мејл, Черчил, кој беше британски премиер во текот на Втората светска војна, а потоа и во педесетите години од 20 век, предлогот го изнел во 1947 година кај американскиот десничарски републикански сенатор Стајлс Бриџис, кој требало да помогне американскиот претседател Хари Труман да се убеди да фрли атомска бомба врз Москва.

Тајниот документ на ФБИ ќе се појави во книгата на истражувачкиот новинар Томас Маер „Черчилови и Кенедиеви“, која од печат ќе излезе следниот месец.

Во документот се наведува дека Черчил инсистирал на тоа дека „единствен спас за светската цивилизација е американскиот претседател да ја прогласи Русија за загрозувач на мирот во светот“ и потоа да ја нападне. Во спротивно, како што истакнувал Черчил, Русија ќе ја нападне Америка „во рок од две - три години, кога самата ќе се стекне со атомска бомба, па цивилизацијата ќе биде уништена или уназадена за повеќе години“. 

Советскиот сојуз својата прва атомска бомба ја тестираше во 1949 година, што во целост ги изненади САД, кои не беа свесни дека и Советите располагаат со нуклеарно оружје. 

11.11.2014 - 15:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега