Блокиран аеродромот во мексиканскиот град Акапулко
Неколку илјади демонстранти кои протестираат против односот на мексиканските власти кон исчезнувањето на 43 студенти, го блокираа аеродромот во Акапулко, затворајќи ги сите приоди кон аеродромската зграда.
Интервенираше и полицијата и притоа дојде до судири со гневните демонстранти. Во судирите, според полициски извори, има дваесетина повредени полицајци.
Новите протести во Мексико избувнаа откако во петокот властите соопштија дека тројца членови на една нарко банда потврдиле оти сите 43 студенти се убиени, а нивните тела запалени и потоа фрлени во една река.
Роднините и пријателите на исчезнатите студенти, меѓутоа, не сакаат да ги прифатат нивните искази како конечен заклучок, па бараат потврда за тоа од независни странски форензичари.
Мексиканското обвинителство во меѓувреме објасни дека шансите да се идентификуваат останките најдени во реката се „мошне мали“, затоа што тие се серизоно оштетени. Според изјавата на претставник на Обвинителството, само две коски би можеле да бидат дадени на испитување за утврдување на ДНК.
Сепак, тој потврди дека коските ќе бидат испратени во лабораторијата на Универзитетот во Инсбрук во Австраија за испитување и анализа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа