Донаторска вечер за возобновување на Храмот кој се запали во Владимирово

На иницијатива и во организација на членовите на Фондацијата, на 27ми ноември, 2014та, со почеток од 19 часот, во ресторан Бела, Скопје (на пат кон Марков Манастир) ќе биде реализирана ДОНАТОРСКА ВЕЧЕР за собирање средства за помош во возобновувањето на Храмот "Свето Вознесение Христово".  На настанот покрај за роднокрајци од Владимирово и Малешевијата, отворена е поканата и за сите пријатели и хумани луѓе кои сакаат да дадат свој придонес во возобновувањето на опожарениот Храм  граден пред 170 години.

Донаторска вечер која ќе се реализира на 27ми ноември, е секако можност да се вратиме кон основните човекови вредности, да се потсетиме на потребата за негување на човекољубие и верба. Организацијата на ваков настан е еден од начините да се обединиме во хуманоста. На донаторската вечер ќе се продаваат книги, компакт дискови и други донирани предмети.  Донираните средства како и средствата од продажба на донираните предмети, ќе се внесуваат во наменски кутии, а имињата на донаторите и висината на донацијата ќе се евидентира во донаторски книги кои ќе се предадат на одговорни лица од Храмот "Свето Вознесение Христово".

Комплетните средства ќе се внесат на наменски отворената сметка која е веќе активна  и на која сите кои не се во можност да дојдат на донаторската вечер може да уплатат средства согласно можностите.

Сметката гласи:

МПЦ – СПЕ –

ЗА ОБНОВА НА ЦРКВАТА СВ. ВОЗНЕСЕНИЕ ХРИСТОВО, С.ВЛАДИМИРОВО

Жиро сметка 300030000206790

Комерцијална Банка

Членовите на Фондацијата се во директен контакт и со други невладини организации, компании и лица кои сакаат да се вклучат во истата активност, или ќе организираат посебни активности, а со истата цел – да се возобнови Храмот во Владимирово, во кој поколенија во претходните 170 години биле крштевани, венчавани и каде го имале последното опевање.

Како потсетување: Црквата била позната по живописниот иконостас донесен од Света Гора и десетте дабови столбови, со секира оформени во шестострани правилни призми, кои го крепеле сводот. Градењето на Црквата, иконите и иконостасот биле донирани од месното население.

Храмот "Свето Вознесение Христово", беше една од најубавите и најстари цркви во Малешевијата и гордост на село Владимирово. Храмот до темели изгоре на 1ви ноември 2014та.

Целта на Фондацијата Д-р Михаил Левенски е со организација на Донаторската вечер да побуди позитивни стремежи не само за возобновување на Храмот како објект, туку и за возобновување на потребата од враќање кон вистинските вредности на живеењето. 

 

 

10.11.2014 - 11:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа