Пратениците ќе расправаат за неоправданите отсуства

Собранието на Република Македонија за денеска напладне ја закажа 21. седница на која на дневен ред се повеќе закони и одлуки. Претходно, на редовната понеделничка координација на пратеничките групи се очекува претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски од генералниот секретар да побара евиденција за присуствата на сите пратеници од овој состав.  

Десетти ноември е датумот кога истекуваат шест месеци од верификацијата на 34 -те мандати на пратениците од опозицијата од страна на Собранието. Само три пратенички од 34-те народни избраници се вклучија во работата на Собранието и се спротиставија на ставот на опозицијата за бојкот на Парламентот. Не се знае дали и колку пратеници од опозицијата ќе дојдат на денешната закажана седница на Собранието. СДСМ и помалите опозициски партии пред неколку дена повторно се изјаснија дека не се враќаат во Парламентот.

Претседателот на Собранието Вељаноски, по добивањето на евиденцијата, се очекува да побара заклучок од Комисијата за мандатно - имунитетни прашања за отсуствата, по што треба да следува изјаснување на Собранието. Мандат на пратеник може да се одземе со двотретинско мнозинство.  

Инаку, на дневен ред на 21. седница се неколку закони во прво читање меѓу кои измените и дополнувањата на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на Законот за јавните набавки, на Законот за социјална заштита и други, Предлог на закон за затворање на сметките кои се преземени во Управата за јавни приходи од поранешната Агенција за работа со блокирани сметки на учесниците во платниот промет, чии иматели се субјекти кои по организациона форма не се трговски друштва или трговци поединци, измените на Законот за минимална плата во Република Македонија и други. Пратениците ќе ја разгледуваат и Предлог на одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година како и финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година. Траба да се изјаснат и за измените и дополнувањата на Законот за Царинската управа, по скратена постапка. Меѓу законите во второ читање се измените и дополнувањата на Законот за угостителска дејност, дополнувањето на Законот за приватизација на државниот капитал, измените и дополнувањата на Законот за судските такси, дополнувањето на Законот за извршување на санкциите и други. 

10.11.2014 - 09:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега