Моштите на родителите на Пресвета Богородица се во Бигорски

Исклучително вредни и значајни мошти на светите Јоаким и Ана, родители на Дева Марија, односно, на Пресвета Богородица, од неодамна се наоѓаат и во наша земја како резултат на големиот подарок што ѓаконот Рафаил Kомерс од Холандија му го дал на познатиот Бигорски манастир.    

Мало парче од моштите тој донел лично во македонското светилиште заедно со моштите на уште пет други значајни светители чии поголеми делови се наоѓаат во една католичка црква во Амстердам. Рафаил Kомерс, кој е ѓакон во една руска православна црква, која е во канонско единство со Вселенската патријаршија во Истанбул, пред две години престојувал првпат во Бигорскиот манастир и каде што бил воодушевен од духовниот живот на монашкото братство. Тој тогаш престојувал неколку дена, а минатиот понеделник повторно се вратил донесувајќи вредни подароци.  Во ковчежето во кое ги донел реликвиите и кое го предал на бигорските монаси се наоѓале уште и светите маченички Варвара, Ирина, Екатерина како и светите Бонифациј и апостол Лин. 

- Тоа го направи самоиницијативно, по своја желба и ние сме му многу благодарни за тоа. Сега наша збирка на мошти што ги имаме е значително зголемена. Многу се радуваме заради тоа, изјави отец Доситеј од овој манастир.  

Светите Јоаким и Ана живееле во брак педесет години во Назарет и немале деца. Според тогашните верувања оние што немале деца се сметале за недостојни. Сепак, тие постојано му се молеле на Бога за да им подари едно дете. На крајот, Ана ја родила ќерка Марија, која подоцна го родила Исус Христос, а тие станале богопрародители. Јоаким живеел 80, а Ана 79 години, а православната црква ги прославува на 22 септември.  

Отец Доситеј објаснува дека ѓаконот Рафаил бил роден во семејството во кое таткото бил католик, а мајка му е протестантка. Kрстен е на 12 години како протестант, но големата љубов што ја почувствувал кон Богородица го навела да се одврати од протестантизмот и да се запише на католичкиот теолошки факултет. Првата средба со православието, пак, му се случила на еден Велигден кога присуствувал на службата во православен храм, пишува Дневник  Заедно со моштите холандскиот ѓакон ги донел и сите сертификати со кои Kатоличката црква потврдува дека тоа се мошти токму на тие светители. 

08.11.2014 - 23:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега