Раскинат договорот со Субрата Рој

Министерството за земјоделство ја активирало банкарската гаранција на индиската компанија „Сахара груп“ од околу 3 милиони евра поради неисполнување на обврските на компанијата од договорот потпишан при преземање на комбинатот. Од ресорното министерство велат дека ова е логичен чекор, бидејќи од нивна страна не се испочитувани условите на кои се согласиле при преземање на комбинатот, јавува Дневник.

- Точно е дека банкарската гаранција е активирана од наша страна, бидејќи индиската компанија не го почитуваше договорот. Гаранцијата е активирана во банката „Сосиете женерал“ и сега следува раскинување на доворот. Што ќе биде понатаму, ќе решиме дополнително. Најверојатно за земјиштето ќе се бара нов сопственик - велат во ресорното министерство. 

Според договорот, „Сахара груп“ требаше да плаќа годишен закуп од 121 илјада евра. за 5.353 хектари земјоделско земјиште. Таа се обврза во првите 18 месеци да набави најмалку 8.000 грла крави, да вработи 900 лица и да инвестира најмалку 60 милиони евра. Уште тогаш се знаеше дека ако не исполни дел од обврските, ќе биде активирана банкарската гаранција од 5 отсто од планираните инвестиции за првата една и пол година , односно 3 милиони евра. 

Во договорот детаљно беа предвидени обврски за период од три години. Па, по првичната инвестиција, требаше да се вложат уште 70 милиони евра до истекот на 27 месеци и уште толку до истекот на 36 месеци. Со тоа вкупната инвестиција во комбинатот од Лозово требаше да изнесува 200 милиони евра. 

Во договорот беше предвидено во рок од 3 години бројот на вработените да достигне 2.000, а комбинатот требаше да има 20.000 грла крави и дневно производство на млеко од 80.000 литри. Производството на добиточна храна, пак, до крајот на третата година требаше да достигне 75.000 тони годишно.

Инвестицијата на „Сахара груп“ се однесуваше на обезбедување инфраструктура за извршување земјоделски работи, набавка на машини, изградба на модерна фарма со современ систем на молзење и на најсовремена млекарница за производство на млеко и млечни производи.

Индискиот бизнисмен тогаш најави дека млекото и млечните производи, освен во балканските земји, ќе се извезуваат и на Средниот Исток, Северна Африка и оти покрај сопственото производство на добиточна храна, ќе побарат од околните земјоделци да одгледуват сточна храна за нив, за што ќе бидат обезбедени современа технологија и квалитетни семиња.

08.11.2014 - 12:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа