Македонија доживува инвестициски бум во патната инфраструктура

Во Македонија се случува инвестициски бум во патната инфраструктура. Како никогаш до сега се градат и модернизираат магистрални, регионални и локални патишта. Градежните компании ќе имаат полни раце работа, а граѓаните бенефит од сето тоа. Вкупниот инвестициски бран е тежок над една милијарда евра. За сите градежни активности, цените и роковите Курир разговараше со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Како течат активностите за изградбата на трите автопатишта Миладиновци- Штип, Демир Капија- Смоквица и Кичево- Охрид? Колку досега е изградено, до кога се крајните рокови да се пуштат во употреба и колку вкупно средства се одвоени?

-Во нашата држава во овој момент се трите активни градби на трите делници од автопатите од Миладиновци до Штип, од Кичево до Охрид и веќе неколку години активната градба на автопатот Демир Капија- Смквица. Овие три автопати се градат во должина од 132 километри и ако се земе во предвид дека до сега во Македонија постојат некаде околу 260 изградени автопати, за неполни 3 до 4 години кога е и крајниот рок за завршување на овие делници, автопатната траса ќе биде зголемена за околу 50 проценти, што е голем прогрес со оглед на стагнирањето со децении наназад, односно немање инвестиции во оформувањето на патните делници во нашата држава.

Во овој момент, некаде оклу 210 милиони евра е потпишан договорот за Демир Капија-Смоквица. Таму се веќе завршени двата тунели со по две цевки во должина на секој од нив од нешто повеќе од еден километар и 200 метри, едниот е километар и 250, другиот е километар и 270. Сите овие тунели, вкупно 4 бушења за двата тунела се готови и сега се работи на обложување на истите и секако отпочнати се со градба и шесте постојни мостови кои се наоѓаат на оваа делница од вкупна должина 28 километри, кои што се во просек изработени негде околу 47 процени се завршени активностите. Ако се земе во предвид дека крајниот рок е крајот на септември 2016 година, динамиката се одвива согласно зацртаната во проектот, верувам дека овој автопатен дел ќе биде завршен според предвидената динамика.

Истото тоа се случува и на другите два автопати Кичево –Охрид и Миладиновци- Штип. Со оглед дека понапред се отпочна со градба на Миладиновци- Штип и таму е некаде неполни 50 проценти пробиена трасата, оној тежок дел, а додека со помал процент некаде околу 20 проценти само на две делници е пробиена трасата од Кичево кон Охрид, со оглед дека таму се вкупно 5 секции во овој момент треба да се отпочне и со интервенции на другите три, биејќи на првите две од страната на Кичево веќе е отпочнато со градба.

Се работи и на реконструкција на локалните патишта. Каде најмногу е сконцентрирана градежната машинерија?

-Со оглед дека во овој период градежните активности се намалени поради временските услови, меѓутоа целокупната оператива која работи на локалните патишта е на целата територија на Македонија. Од почетокот на имплементација на овој проект, се преговараше негде 2008- 2009 година и првите завршени локални километри патишта се во 2010 година.

Од тогаш до денес се направени повеќе од 680 локални патишта, што е една сериозна бројка во километри. Од тие 680, само оваа година се завршени повеќе од 125 километри или во инвестиции, вкупни досега потрошени средства тоа е повеќе од 55 милиони евра.

Најавена беше електронска наплата на патарините. До каде е проектот и кога ќе профункционира?

-Договорот е во фаза на потпишување, тоа е со заем од Европска банка и процедурите се строги и мора да се испочитуваат. Во овој момент договорот е доставен и до турската компанија која треба да работи на изведба на електронската градба на патарини и очекуваме за максимим месец дена да имаме финиширан договор, со оглед дека истата таа компанија треба да даде и банкарска гаранција за износот на кој е склучен договорот. Инаку, тој договор опфаќа градба на патарини на Коридор 10, две поместувања- едно кај Градско бидејќи се предвидува изградба на брз магистрала во правец на Прилеп, така да таа патарина која сега функционира треба да се поништи и да се изгради нова поместена према Велес и истото тоа треба да се случи и на постојната на Романовце која сега егзистира.

Кои се градежните активности на ЈП за државни патишта во оваа година и на што ќе се фокусирате следната?

-Во овој момент имаме активни проекти, во износ од 55 километри само за градба на магистрални и регионални патишта. Активни ни се оној магистрален пат, брза магистрала што треба да го поврзе Велес со Штип, тоа е делот од Велес до Кадрифаково во должина од 24 километри, меѓутоа тука се и делниците Опае- Белановце- Станчиќ, делот кај Сончев град во близина на Скопје, тука е и делот на рехабилитација и санирање на свлечиштето кај Маврово, така да таа инвестиција е некаде околу 30 милиони евра, која што е активна. Исто така се работи и на санација на свлечишта, каде што имавме сериозни проблеми. Завршени се двете свлечишта кај Ботун, таа инвестиција е преку 50 милиони денари.

Во овој момент во завршна фаза е кај детското одморалиште на Пелистер, каде имаше барање од граѓаните дека тој дел е критичен, таму сме во завршна фаза. Во Кратово веќе го завршивме проблемот со свлечиштето, но работиме и на дополнителни седум проектирања за санација на свлечишта кои се финансирани во делот на проектирање од страна на Светска Банка и очекуваме штом ќе бидат завршени како проекти во 2015 година да изнајдеме финансиска конструкција и за реализација на истите, тука се и санација на мостови кои што со години не беа санирани, говорам за сериозни санации каде што мостот се отвора комплетно до носивата конструкција и се санира конструкцијата со инектирање на бетон, претходно поставување на арматура и потоа сите други фази кои следуваат.

08.11.2014 - 11:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа