Над 8.000 граѓани кажале „Ало докторе“

Повеќе од 8.000 повици се регистрирани на телефонската линија за медицински совети „Ало докторе“ од 15 септември кога таа почна да функционира, досега. Зголемениот број реализирани повици на линијата и позитивните реакции на пациентите покажуваат дека тие се задоволни од функционирањето на линијата. Сите јавувања се снимаат, искуството е позитивно и досега нема ниту една забелешка од граѓаните.

Бенефитите од речиси двомесечното функционирање на повикувачкиот центар „Ало Докторе“, беа презентирани денеска на прес-конференција на која Јованка Костовска од Министерството за здравство истакна дека проектот почнал со иницијатива да се помогне на граѓаните кога им е најнеопходно. Посочи дека повикувачкиот центар работи 24 часа, здравствено лице постојано одговара на повиците на населението, а од 18 до 22 часот директори на клиники даваат совети од својата област. 

- Целта на функционирањето на телефонска линија за медицински совети „Ало докторе“ е обезбедување советодавни здравствени услуги, односно консултации со граѓаните и упатување доколку е итно во Итна медицинска помош, упатување на специјалист ако е неопходно, но и решавање на моменталниот здравствен проблем кој го имаат. Им се предлага да земаат терапија која не оди на рецепт односно терапија од ОТЦ листа на лекови за да може да ги смират моменталните симптоми како што се главоболка, настинка, температура, зголемен притисок..., рече Костовска.

Таа појасни дека разговорот со лекарот му помага на оној кој се јавува тој психички да се ослободи, да му се смири состојбата која во моментот ја чувствува, предложената терапија ќе ги намали симптомите, а едукативните совети ќе помогнат за превенција на болести и подобрување на здравјето.

- Во поедини ургентни состојби дадените совети за постапување се до моментот додека пристигне Итната медицинска помош може да спасат и живот. Често пати граѓаните прашуваат и за тоа каде да се јават за вакцинација за патување во странство, кои се вакцините по календарот за имунизација, каде да се јават за скрининг и за многу други совети, истакна Костовска.

Потенцира дека вакви повикувачки центри за медицински консултации постојат со години наназад, и тоа во Германија, Англија, САД, Естонија, Молдавија, Австралија, Шведска, Ирска, Норвешка... 

- Естонија го има воведено ваквиот начин на консултација со пациентите во 2005 година и денес има 230.000 јавувања за медицинска консултација годишно. Во 2012 година оваа практика за медицински консултации е воведена и во Молдавија. Во Англија функционира ваков центар со телефонска линија за медицински совети. Во Австралија, исто така, 24 часа функционира Центар за медицински консултации, како и во како и во голем број држави во САД, меѓу кои Илиноис и Тексас, каде има телефонска линија на која медицински лица даваат медицински совети на граѓаните. Во Германија функционира телефонска линија за здравствени совети на хронично болните лица, рече Костовска. 

Mедицински консултации, нагласи, има на многу веб страници, но поинаку е кога директно ќе поразговарате со лекар.

- По медиумите здравствени работници постојано зборуваат и даваат совети за здравје и тие емисии многу ги гледаат граѓаните. Значи нив ги интересира, сакаат да добијат совет за своето здравје и затоа го направивме овој проект, додаде Костовска.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Тања Баевска Вучковиќ рече дека во повикувачкиот центар „Ало докторе“ од 15 септември почнале со 13 специјалисти, а овој месец има 22 специјалисти кои секојдневно им помагаат на граѓаните.

- Советите кои се даваат и пристапот за давање на овие совети се унифицирани бидејќи пред почнување на функционирањето на Центарот изготвивме прирачник за медицински совети и симптоматска терапија каде ги искористивме протоколите на Итната медицинска помош и медицината базирана на докази за состојби кои може на овој начин да се третираат, истакна Баевска Вучковиќ и додаде дека во овој период се растеретени службите за Итна медицинска помош и тие може да соодветно да одговорат на состојби кои се животнозагрозувачки.

Изминатиот период од сите јавувања, посочи таа, најчеста е етиологијата на болка, респираторна симптоматологија, ревматски, кардиоваскуларни  симптоми, и после дадениот совет и помагањето тие граѓани изразуваат благодарност.

07.11.2014 - 14:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега