МВР: Жерновски не може да ја натера полицијата да ги тепа граѓаните кои протестираат поради неговото работење
Неоснованите обвинувања кон полицијата најмалку доликуваат на носител на локалната власт, кој треба да работи во интерес на сите граѓани. Уште помалку истите ќе ја натераат полицијата да ги пречекорува овластувањата и да употребува прекумерна сила кон граѓаните кои го изразуваат својот револт и незадоволство од работењето на градоначалникот и неговиот тим, стои во реакцијата од МВР на барањето на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.
Полицијата, се подвлекува, не потклекна на провокациите ниту кога градоначалникот и неговите соработници насилно уриваа огради, игнорирајќи каква било законска процедура, ниту кога истите се обидуваа насилно да упаднат на седница на Советот на општината прекинувајќи ја истата.
- Полицијата беше и остана крајно професионална и неселективна во работењето, без разлика дали некој сака своето неснаоѓање и грешки во работењето да ги покрива со закани, тепање и насилство врз граѓаните. Благодарение на навремената и одмерена реакција, вчера во наелектризираната атмосфера немаше посериозен инцидент, ниту некој се пожали на какви било повреди. Секоја пријава или нарушување на јавниот ред и мир ќе биде истражено и третирано исклучиво согласно законот, а не согласно нечија политичка воља, се вели во реакцијата од МВР.
МВР уште еднаш го потсетува градоначалникот Жерновски дека, без разлика на неговите желби, нема овластувања и не смее да ги спречи граѓаните да организираат јавни собири за да го изразат својот револт од најавите за уривање на црквата „Свети Константин и Елена“.
- Би сакале да му порачаме дека граѓаните од него очекуваат совесно вршење на функцијата, градење наместо уривање и исполнување на ветувањата, а не лутање во ингеренциите и упатување апели до полицијата, се посочува во реакцијата од МВР.