Македонија ја проширува соработката со медицинскиот центар „Роналд Реган“

Премиерот Никола Груевски, во рамки на неколкудневната посета на САД, во Лос Анџелес оствари средба и со претставници на реномираниот медицински центар „Роналд Реган“, со кого веќе Владата има соработка за обука и размена на лекари.

На средбата, соопшти владината прес-служба, се разгледувани можностите за остварување продлабочена соработка во повеќе области и сфери, како и развивање  нови форми на заедничко дејствување.

Премиерот Груевски по средбата изјави дека пред две години била договорена соработка со „Роналд Реган“ медицинскиот центар, која опфаќа обука на македонски лекари во овој центар и дека досега вкупно 29 лекари оствариле пракса и работа во Лос Анџелес, при што изучувале нови методи на работење кои веќе почнаа да се применуваат и во Македонија.

Тој изрази задоволство што со претставниците на овој огромен медицински центар имале заедничка средба.

- Главно разговорите ги водевме во неколку правци. Прво, значително зголемување на бројот на лекари кои ќе доаѓаат во Лос Анџелес, за што тие покажаа целосна подготвеност. Тие се задоволни од досегашната работа на македонските лекари и ги оценуваат добро нивните перформанси и нивното работење. Второ, им го претставивме концептот на слободни здравствени зони и ги поканивме да размислат и да проучат евентуално нивно вклучување во овој проект. Тие иако немаа такви излегувања надвор од Америка, покажаа интерес особено ако најдат некоја компанија која би ја изградила болницата, а тие да влезат со своето знаење и искуство. Тоа им е посебно интересно и доколку се вклучат и се кандидираат да отворат болница тогаш таа би била регионална за целиот поширок регион, изјави Груевски по средбата.

Третата тема за која што разговарале, посочи премиерот, е доаѓање на нивни лекари во Македонија и престој на подолг период.

- Тие потврдија дека се согласни за оваа работа, така што ние ќе ги продолжиме разговорите во таа насока, додаде Груевски.

Директорот на „Роналд Реган“ медицинскиот центар Томас Коутс изјави дека повеќе македонски анестезиолози, хирурзи, кардиолози и педијатри се обучувале во болницата во Лос Анџелес и изрази задоволство од нивниот ангажман, способност и квалитетна работа.

- Заедничката соработка продолжува. Постои одлична размена на знаења. Од аспект на развој на соработката во други сфери на медицината заинтересирани сме за соработка во сферите на хирургијата, анестезиологија, рано откривање на ризични болести. Но, и во развивање на соработката во сферата на болничкиот менаџмент, во поставувањето систем на грижа за луѓето која е добра ефикасна и квалитетна. Многу сум задоволен од она што го прави Македонија за здравствениот систем и заложбата да стане магнет за здравствена заштита во регионот. Тоа е интересна можност особено да се привлекуваат луѓе од целиот регион, изјави Коутс.

Нашата цел како болница, истакна Коутс, е да го приближиме светот во нашиот „Роналд Реган“ медицински центар, но и нашиот центар да го доближиме до сите региони во светот.

- Нашата соработка со Македонија е многу важна и ја цениме, додаде Коутс.

„Роналд Реган“ медицинскиот центар е еден од најзначајните медицински центри во САД кој е истовремено и универзитетски центар каде се развиваат повеќе научни процедури и постапки. 

07.11.2014 - 12:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега