Бесими на средба со новиот амбасадор на Кралството Шпанија

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска оствари средба со новиот шпански амбасадор во Република Македонија, Рамон Абароа Каранза.

На почетокот на средбата вицепремиерот Бесими му честиташе на амбасадорот за новата функција, посакувајќи му успешна работа во неговиот мандат и воедно се заблагодари за поддршката која Република Македонија ја добива во континуитет од Кралството Шпанија.

Како што соопштува Кабинетот на вицепремиерот, на средбата се разговарало за процесот на европска интеграција на Република Македонија, дискутирани се клучните постигнувања и предизвици со кои се соочува земјата, нотирани во октомврискиот Извештај на Европската комисија, како и сите активности што Владата на Република Македонија и Секретаријатот за европски прашања ги преземаа во насока на надминување на предизвиците и постигнување дополнителен напредок до декемврискиот Совет на ЕУ.

Од страна на вицепремиерот Бесими е истакнато дека сите органи на државната управа во координација со Секретаријатот за европски прашања, тргнувајќи од фактот дека европската интеграција останува стратешки приоритет за нашата држава и граѓаните на Република Македонија, работат напорно во насока на подобрување на реформскиот процес, кој пред се е од интерес на нашите граѓани.

Бесими истакна дека на Шпанија гледаме како на добродојден партнер со високи потенцијали за развој на билатералната соработка, јакнење на административните капацитети за искористување на ИПА и поддршка во процесот на приближување кон ЕУ.

Во изминатиот период Шпанија учествуваше во четири твининг проекти, значителна е нејзината контрибуција во хидросистемот Лисиче, поддршката за информациска и коминикациска технологија  наменета за општините, како и обуките преку ТАЕКС.

Шпанскиот амбасадор Каранза истакна дека Кралството Шпанија силно се залага за проширување на Европската унија и ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија на овој пат, вклучително и преку конкретни билатерални проекти за развојна и секторска соработка.

Двајцата соговорници истакнаа дека добрите билатерални односи и размената на искуства помеѓу администрацијата и останатите заинтересирани страни меѓу Република Македонија и Кралството Шпанија и понатаму ќе продолжат,  ќе се работи и на продлабочување на натамошната соработка во приоритетните реформски области. 

07.11.2014 - 12:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега