Земјоделски практики за ублажување на последиците од климатските промени

Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени ќе ги сподели резултатите од имплементација на мерките за адаптација на земјоделските практики кон климатските промени во изминатите две години.

Целта на настанот, што ќе се одржи во рамки на овогодишниот Агрофуд, е да ја зголеми свеста на земјоделските производители, но и на целокупната јавност за предизвиците и ефектите од климатските промени во земјоделскиот сектор во Република Македонија.

Се очекува на настанот свои обраќања да имаат директорот на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, Петар Ѓоргиевски и тим лидерот на проектот, Ана Дамовска.

Професори од Земјоделскиот институт и Факултетот за земјоделски науки и храна, кои изминатиот период работеа на тестирање на различни видови адаптивни мерки во земјоделството, ќе ги презентираат добиените резултати и ќе ги објаснат придобивките од користењето на таквите мерки во ублажување на штетните последици од климатските промени.

На настанот се поканети голем број земјоделци, претставници на АПРЗ, УХМР, МЗШВ и земјоделски здруженија.

Тригодишниот проект на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, започна да се спроведува во април 2012, од страна на Мрежата за рурален развој. Целта на проектот е да им помогне на земјоделците да се адаптираат на климатските промени и да го зачуваат нивото на приход преку намалување на штетите предизвикани од промените во животната средина. Проектните активности се фокусирани во медитеранската зона, вклучувајќи го Вардарскиот регион со делови од струмичко и гевгелиско – области што се под најголемо влијание од климатските промени. 

07.11.2014 - 09:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега