Албанскиот премиер ќе ги посети и Белград и Прешево
Од кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама, официјално е потврдено дека тој на 10 ноември ќе допатува во Србија, јави дописникот на МИА од Тирана.
Во рамките на дводневната посета, освен престојот во Белград и средбите таму, како и учеството на српско-албанскиот економски форум, тој ќе го посети и јужниот српски град Прешево, каде што концентрацијата на припадниците на албанското малцинство е голема.
- За време на престојот во Србија, премиерот Рама ќе го посети и Прешево. Нема никаква причина да не оди во Прешево. Таму живее албанска популација и како таква треба да се почитува и од Србите и од Албанците, изјави Ендри Фуга, директор на Одделот за комуникации во владиниот кабинет, демантирајќи ги шпекулациите дека Рама „под притисок“ на Србија нема да оди во Прешево.
Најпрво посетата беше најавена за февруари годинава но беше одложена поради, како што беше кажано, изборите во Србија а потоа на 22 септември, но поради созададената ситуација по инцидентот на фудбалскиот натпревар Србија-Албанија, Рама и Вучиќ се договорија таа да се одложи. Рама ќе предводи четиринаесетчлена делегација.
Рама ќе биде прв премиер на Република Албанија кој ќе го посети Белград по посетата на Енвер Хоџа во далечната 1946 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа