Пратениците и денеска со полни раце работа

 

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет, за труд и социјална политика, за прашања на изборите и именувањата, за транспорт, врски и екологија и Законодавно-правната комисија. 

Комисијата за финансирање и буџет ќе расправа за Предлог - законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки и измените и дополнувањата за Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, двата во прво читање. 

На дневен ред на Комисијата за труд и социјална политика се Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита и Предлог-закон за изменување на Законот за минимална плата во Република Македонија, двата во прво читање. 

Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да ги утврдат предлог-одлуките за дополнување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието на Република Македонија за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието на Република Македонија за соработка со парламенти на други држави, за дополнување на Одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици - членови на Националниот совет за евроинтеграции, за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев".

Членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија треба да ги разгледа измените и дополнувањата на Законот за водите, на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, двата во прво читање, измените и дополнувањата на Законот за јавните патишта, на Законот за превоз во патниот сообраќај, на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, на Законот за внатрешната пловидба и на Законот за сигурност во железничкиот систем, сите во второ читање.

Седница ќе одржи и Законодавно-правата комисија.

06.11.2014 - 09:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега