Александар Ѓеоргиев добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2014 година

Александар Ѓеоргиев актер на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ е добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2014 година, што по деветти пат ја доделува Општина Велес и Здружението на актери „Џинот“.
Одлуката ја донесе жири комисијата во состав Александар Ивановски претседател и членовите Јордан Витанов и Едмонд Сотир. Ивановски на денешната прес-конференција образложи дека актерот Ѓеоргиев е симбол за исклучително прецизна актерска игра, експресивно извајана до јасно подвлечени нијанси.
- На моменти суптилна и скокотлива, на моменти вжарена до усвитување, но, секогаш прочистена, силна, слободна. Неговото промислување на сценското присуство е за секој восхит. Сме го гледале на сцената во разни роли – секогаш ангажиран и храбар во изразот, минуциозен во дејствијата. Како човек можеби скромен, тивок и ненаметлив, но ние, неговите колеги, добро знаеме дека е секогаш отворен за топла соработка, совет, помош, потенцира Ивановски.
Тој од името на жири комисијата појасни дека континуитетот и интензитетот на неговото полувековно сценско постоење е во секој поглед импозантен.
- Александар Ѓеоргиев е театар – сериозен, хируршки прецизен, промислен, елегантно духовит. Неговите ликови уште долго ќе ја бараат својата вистина, својата правда на сцената, осветлувајќи ни притоа нам, неговата публика, круцијални аспекти од човечката егзистенција, вели Ивановски.
Многумина денес, додава тој, прашуваат како е можно велешката публика во толкав голем број да ја полни театарската сала – „Јас би одговорил дека таквиот однос и взаемна почит во голема мера доаѓа како резултат на работата на Александар Ѓеоргиев. На неговата пожртвуваност, трудољубивост, талент, аналитичност, неуморност, дисциплина, мерак“.
Добитникот на наградата, Ѓеоргиев во изјавата за медиумите потенцира дека оваа награда со името на доајенот на македонското глумиште многу ми значи, затоа што е награда, која ја добива од своите колеги и од театарот на кој му дал повеќе од 50 години од својот живот и што доаѓа од градот.
- Името кое што го носи наградата е на мојот драг колега и близок пријател Петре Прличко со којшто поминавме многу убави денови, заедно сме играле во претстави и тој режирал претстави и морам да признам дека многу работи научив од него, потенцира Ѓеоргиев кој од неодамна е во пензија.
Инаку, Јордан Витанов, членот на жири комисијата појасни дека освен како врвен актер Александар Ѓеоргиев е еден на најзаслужните што Велешкиот аматерски театар во 1986 година повторно прерасна во професионален театар. Воедно, додава, Ѓеоргиев беше и еден од иницијаторите за Фестивалот на аничка драма „Стоби“ и еден од иницијаторите за изградба на нова театарска зграда во Велес, а што конечно резултира и со нејзина изградба.
Актерската награда за животно дело со името на Петре Прличко од 2006 година до сега ја добиле актерите Благоја Спирковски-Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Петар Темелковски и Драган Спасов-Дац.
Наградата на Ѓеоргиев ќе му се врачи на 7 ноември на свечена седница по повод Денот на Општина Велес - 9. Ноември.
05.11.2014 - 13:45
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа