Милошоски на конференција во Рим
Потпретседателот на Собранието на Република Македонија и претседател на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски, од денеска до 7 ноември ќе учествува на Интерпарламентарната конференција за заедничка надворешна и безбедносна политика и заедничка безбедносна и одбранбена политика, која во рамките на италијанското претседателство со Европската унија, ќе се одржи во Рим, Италија.
На Конференцијата, како што соопшти собраниската прес-служба, ќе се обратат претседателот на италијанскиот Сенат, Пиетро Грасо, претседателката на Претставничкиот дом, Лаура Болдрини, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, како и претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Елмар Брок.
Учесниците на Конференција ќе дискутираат за предизвиците на заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија за време на претседавањето на Италија со Советот на Европската унија, а во тој контекст и за перспективите на борбените групи на ЕУ, како и за регионалната стабилност и проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа