Жерновски ја обвинува полицијата - зошто не употребила сила на вчерашните протести

Градоначалникот на Општина Центар ја повикува министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, согласно со Уставот и законите, да ги открие и казни лицата кои вчера ги кршеа прозорците од Општината Центар.

-Сторителите на овие дела лесно ќе се пронајдат, бидејќи на сите снимки и фотографиите се гледа кој кршеше стакла и врата и кој маваше со камења по советниците, градоначалникот и медиумите, стои во соопштението на Жерновски.

Градоначалникот на Центар, бара да се лоцираат виновниците кои спречија одржување на седницата на Советот на Општината.

-Барам од министерката да објасни кој им нареди на припадниците на МВР да бидат неми набљудувачи на организираното дивеење, демолирањето на сопственост на сите жители на општина Центар и доведување во опасност на сигурноста на легално избраните советници, градоначалникот и медиумите, се вели во соопштението на Жерновски.

Според Жерновски, МВР, со своето неучество беше директен учесник во немилите настани. Тој нагласува дека поддржува протести и други видови на изразување на вољата а граѓаните, но, смета дека тие треба да бидат ненасилни и со јасна порака и барање.

- Барам од министерката Гордана Јанкуловска, сериозно да го разгледа вчерашниот инцидент, во кој се уверија и претставниците на меѓународната заедница, и согласно Уставот и законите да ги преземе неопходните мерки за казнување на сторителите, но и оние кои со своето сторување или несторување го дозволија ова дивеење“, стои во реакцијата на Жерновски.

најчитано сега