Петмина скопјани смислиле филмска измама тешка 2,6 милиони денари

Скопската полиција до надлежното јавно обвинителство поднесе кривични пријави против пет лица кои се осомничени дека со сторено кривично дело „измама“ оштетиле 10 правни лица за 2,6 милиони денари. На петте лица истражен судија им изрекол мерка притвор во траење од 30 дена.

Кривични пријави се поднесени против лицата Б.З. (74), Е.Н. (51), Р.Ј. (39), И.А. (51) и А.А. (46). Б.З. во периодот од јули минатата до февруари оваа година сакајќи да заработи некој денар плус, лажно ја претставувал неговата фирма “ТРГО-ТЕТ ГРУП“ ДООЕЛ Скопје. ИАко фирмата била банкротирана, Б.З. заедно со останатите пријавени, успеал да прелаже 10 фирми и од нив да зема стока цели седум месеци. Според полицијата, фирмите кои ги измамил Б.З. биле оштетени за вкупен износ од 2.666.547 денари.

Б.З. заедно со уште еден од другите наводно вработени во неговата фирма оделе во преставништвата на оштетените фирми, претставувајќи го неговото друштво “ТРГО-ТЕТ ГРУП“ ДООЕЛ Скопје како ликвидно приложувајќи при тоа заверена тековна состојба од Централен регистар на РМ, прикривајќи го фактот дека истото има блокирана сметка, или пак во неколку случаи се претставувале како овластени претставници на други фирми, набавувајќи разна трговска стока како работнички одела, млечни производи, ориз, грав, кори и кадаиф, мед, автомобилски гуми, машки кошули и слично, при што за секоја набавка биле сочинувани фактури и испратници и на оштетените им биле оставани нивните телефонски бореви како би можеле да ги контактираат при евентуални проблеми.

Откако фактурите не им биле платени во рокот кој бил договорен, како и по контактот со фирмите за кои тврделе дека се нивни овластени претставници кои не ги потврдиле нарачките, оштетените фирми случајот го пријавиле во полиција.

Од страна на СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал постапувајќи по наредби од истражен судија на 3-ти овој месец извршен е претрес во домовите на четворица пријавени каде е пронајдена писмена документација одземена со потврди за привремено одземени предмети. Од извршениот увид во одземената документација утврдено е дека истата се однесува на деловна соработка на “ТРГО-ТЕТ ГРУП“ ДООЕЛ Скопје со други правни лица.

Сите пет осомничени и приведени лица минуваат во крим-евиденциите на СВР Скопје, за дела за кои им се поднесувани и кривични пријави. 

најчитано сега