Битола и градот Нингбо од НР Кина потпишаа договор за соработка
Битолскиот градоначалник Владимир Талески и директор на канцеларијата за надворешни работи во кинескиот град Нингбо, Конг Веивеи, денес потпишаа договор за соработка кој овозможува развивање на контактите на економски и културен план, инвестирање и промоција на национални производи од двете држави.
Основите на соработката меѓу Битола и Нингбо се на потпишаните договори меѓу Владите на Република Македонија и НР Кина, кои овозможуваат ширина и големи можности.
- Расположението за соработка на Нингбо со Битола и нивното лично присуство во нашиот град за големиот празник има големо значење и е со важни пораки. Овој развиен град во Кина како што го нарекуваат портата на Кина за светот на Битола и нуди конкретна соработка и верувам дека ќе успееме. Гостите од Кина ќе ја посетат индустриската зона „Жабени“ и очекуваме конкретни предлози и инвестиции во зоната затоа што во нејзина непосредна близина е железничката пруга која наскоро ќе биде обновена и преку неа ќе се овозможи директна сообраќајна комуникација со пристаништето во Солун. Стратешките предности на Битола дополнително ги мотивираат нашите пријатели од Нингбо, истакнал Талески.
Кинескиот град Нингбо со 7 милиони жители има едно од најголемите пристаништа на светот односно според последните статистички податоци пристаништето Нингбо е петто по големина на земјината топка, нагласи Конг Веивеи, директор на канцеларијата за надворешни работи во градот Нингбо.
- Соработката ќе се одвива на повеќе нивоа, односно општествените и економските сфери, земјоделството, туризмот и инвестициите, образование и други области. Чекор по чекор луѓето во Кина, и посебно претприемачите ќе дознаваат за условите за инвестирање во Битола и верувам дека поволностите ќе бидат искористени. Со задоволство ќе ја посетиме индустриската зона „Жабени“, а заинтересирани сме за производите од Македонија кои ги вкусив и се прекрасни. Тука сонцето грее повеќе од 300 денови во годината, а тоа се одлични услови за одгледување на житни растенија и други земјоделски производи. Во НР Кина се организираат бројни саеми за земјоделци и затоа уптаувам отворена покана за нивна промоција во нашата земја, посочил Веивеи.
На потпишувањето на договорот за соработка меѓу општина Битола и градот Нингбо присуствуваше и амбасадорот на НР Кина во Република Македонија Вен Џеншун, како и претставници на збратимените градови и општини од Франција и Србија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа