Цената на нафтата бележи пад на светските берзи

Цените на нафтата денеска забележаа пад на светските берзи во очекување на податоците за разултатите во преработувачкиот сектор во глобални рамки, но и поради зајакнување на вредноста на американскиот долар.

Барел американска „лесна“ нафта за испорака во декември во електронските тргувања на Њујоршката берза поевтини за 35 центи на 80,19 долари за барел.

Во исто време, на Берзата во Лондон, цената на северноморскиот „брент“ се намали за 23 центи на 85,63 долари за барел. 

Според аналитичарот на сингапурската компанија „Филип Фјучерс“, Даниел Анг, падот на цената на нафтата се должи на неизвесноста на инвеститорите околу постигнувањата на индустрискиот сектор.

- Очекуваме знаци за зајакнување на индустријата во светот, што би укажувало на раст на побарувачката на нафта, нагласи Анг. 

Индексите на менаџерите за набавка (ПМИ) во еврозоната и САД се очекува да бидат објавени во текот на денешниов ден, откако претходно беше соопштено дека кинескиот индекс во октомври се намалил на 50,8 од септемвриските 51,1 индексни поени.

Вредноста на инедксот над 50 поени е показател за раст, додека под 50 поени укажува на пад на секторксата активност.

Од друга страна, доларот на Јапонската берза достигна вредност близу до највисокото ниво во последните седум години.

Зајакнувањето на доларот по правило ја прави нафтата поскапа за трговците што користат други валути, што резултира со пад на побарувачката на енергенсот и на неговата цена.

03.11.2014 - 12:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега