Зоран Тодоровски: Идеолошката матрица на сатанизација на ВМРО и денеска е присутна

Анатемизацијата на македонското револуционерно движење и политичката индокртинација во периодот на комунистичка Македонија, но и продолжувањето на тој процес во годините по осамостојувањето на државата се едни од главните причини и денеска многумина на 23 октомври, како државен празник, гледаат како на партиски парзник на ВМРО-ДПМНЕ. Директорот на државниот архив на Македонија, Зоран Тодоровски во интервју за Прес24, вели дека е неспорен фактот дека овој ден заслужува да биде државен празник, но и потсетува на дел од причините зошто во јавноста долги години ВМРО како организација беше сатанизирана.

 - Како што е познато, во македонската историографија до 1991 година (до осамостојувањето на Македонија и благодарејќи на повеќепартискиот систем) ВМРО идеолошко се третираше. Беа фаворизирани само левите-комунистички организации и струи во македонското револуционерно движење, а беа минимизирани и со најцрни епитети се пишуваше за десните сили, за ВМРО и за нејзините дејци, вели Зоран Тодоровски во интервју за Прес24.

Голема вина во таквата сатанизација на македонското револуционерно дел, Тодоровсаки гледа во македонските идеолошко оптоварени историчари, кои и денеска не скаат да ја прифата реалноста и понатаму ги делат на негативни, Александров,... и на позитивни, Гоце, Ѓорче...

-А сите беа во една организација, тоа само говори за различните идеи, размислувања и концептите за патиштата за ослободување на Македонија. Се пишуваше и сеуште се шишува дека Врховниот македоно-одрински комитет бил најекспониран институт на бугарската влада. А премолчуваат дека и Гоце  Делчев и Ѓорче Петров беа членови на неговото Задгранично претставништво и тн, вели за Прес24, Тодоровски, потенцирајќи дека тој негативен процес го продолжи и СДСМ во политичката борба со тогаш ново формираната ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија.

- Од 1991 година, во меѓусебните партиски пресметки, СДСМ и неговите челници (Бранко Црвенковски и Тито Петковски) за да ја оцрнат и дискредитираат ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница изјавуваа дека историската ВМРО е терористичка и бугарска организација, потенцира во интервјуто Тодоровски.

Според него и покрај сите предизвици и искушенија што македонското револуционерно движење ги имало, сепак јасниот континиутет во неговоот дејствување е слободарскиот дух за сопствена држава, олицетворена во денешпната Република Македонија. Тодоровски во интервјуто за Прес24, вели дека не само македонската, туку и бугарската историграфија во годините наназад го има неколкупати менувано ставот кон ВМРО

-Во бугарската и македонската историографија дејноста на ВМРО различно се толкува  и се пишува во зависност од политичкoтo уредувањe на двете држави. Бугарската историографија за дејноста и улогата на ВМРО и на нејзините дејци досега некоку пати го изменила својот став. До 1944 година имаше една политика, од 1944 до 1948 (до Инфорбирито) друга политика, од 1948 до 1989 година (со демократските промени и рушењето на комунизмот) повторно друга политика, и од 1989 година до денес сосема друга интерпретација за ВМРО, вели дриректорот на државниот архив во интервјуто за Прес24, потенцирајќи дека како институција имаат добра соработка со 20-ина архиви во светот, освен со Грција и Србија, но очекува дека со Архивот во Белград наскоро да се воспостави соработка. Таа соработка, вели Тодоровски ќе биде значајна и за процесот на лустрација во Македонија.

 

ПРЕС24: Веќе неколку години во Македонија, 23 октомври се одбележува како ден на револуционерната борба, државен празник. Но, се уште голем дел од политичарите, особено од левиот блок, го оспоруваат овој ден како државен празник, сметајќи дека тоа е партиски празник на ВМРО-ДПМНЕ. Заслужува ли 23 октомври да биде државен празник во Македонија?

ТОДОРОВСКИ: СДСМ, по правило, реагираше на сите предлози на владата на ВМРО-ДПМНЕ, не водејќи сметка за државните истириски и национални интереси на Македонија. На предлогот23 октомври да се прогласи за државен празник реагираа и некои академици (Иван Катарџиев), неколкумина историчари и директорот на Институтот за национална историја (Тодор Чепреганов), кој потоа и самиот, а  и други историчари се корегираа, пишуваа и изјавуваа по ТВ дека 23 октомври е еден од најглемите настани во историјата на македонскиот народ.

Со целиот свој историски багаж 23 октомври како ден на основањето на Македонската револуционерна организација заслужува да се слави за македонски државен празник. На тој ден се удрија темелите на создавањето на организираното македонско револуционерно движење, кое си постави единствена цел: создавање на самостојна и независна македонска држава. Тогаш Македонската револуционерна организација започна да го организира македонскиот народ, да го вооружи и да го насочи кон остварување на вековната цел и под знамето на најчовечкиот идеал-слободата на татковината.

ПРЕС24: Основањето на МРО, па потоа и целокупното негово функционирање како ТМОРО, па се до ВМРО и укинувањето во 1934 година, во македонската историја, но и во бугарската јавност различно се толкува. Што е она што е континуитет на ова револуционерно движење?

ТОДОРОВСКИ: Македонската револуционерна организација во својата долга историја имала повеќе имиња и претрпувал тешки искушенија и премрежија, диференцијација, поделба, судири и меѓусебни убиства во нејзините редови. Во бугарската и македонската историографија дејноста на ВМРО различно се толкува  и се пишува во зависност од политичкoтo уредувањe на двете држави. Бугарската историографија за дејноста и улогата на ВМРО и на нејзините дејци досега некоку пати го изменила својот став. До 1944 година имаше една политика, од 1944 до 1948 (до Инфорбирито) друга политика, од 1948 до 1989 година (со демократските промени и рушењето на комунизмот) повторно друга политика, и од 1989 година до денес сосема друга интерпретација за ВМРО. Како што е познато, во македонската историографија до 1991 година (до осамостојувањето на Македонија и благодарејќи на повеќепартискиот систем) ВМРО идеолошко се третираше. Беа фаворизирани само левите-комунистички организации и струи во македонското револуционерно движење, а беа минимизирани и со најцрни епитети се пишуваше за десните сили, за ВМРО и за нејзините дејци. Денес, македонските историчари, ослободени од  сите стеги и предрасуди, пообјективно и реално ги презентираат сите процеси, настани и личности од македонското револиционерно движење, со научно објективизирање и докуменетирање на истите.

Според мене, континуитетот на македонското револуционерно движење треба да го гледаме во борбата, желбите и вербата на ВМРО за остварување на слободарскиот сон и државотворен идеал што денес стана стварност, реалност со создавањето на самостојна и суверена Република Македонија.

ПРЕС24: Дел историчари сметаат дека негативната перцепција што дел од македонската јавност ја има кон историското ВМРО е резултат и на политичката индокртинација на историјата од периодот на комунистичка Македонија?

ТОДОРОВСКИ: Да, точна е нивната констатација, многу генерации се воспитува во тој дух и целиот образовен систем беше така концепиран. А има и друга димензија. Од 1991 година, во меѓусебните партиски пресметки, СДСМ и неговите челници (Бранко Црвенковски и Тито Петковски) за да ја оцрнат и дискредитираат ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница изјавуваа дека историската ВМРО е терористичка и бугарска организација. 

ПРЕС24: Еден пример е поделбата што во историјата, чинам дека се уште се изучува, на врховисти (про бугарски орентирани) и македонисти, иако реално станува збор за идеолошко-политичка поделба, десничари и левичари -  социјалисти?

ТОДОРОВСКИ: Од оваа идеолошка матрица и денес не можеме да се ослободиме. Таа, тогаш, нивна поделба на врховисти, централисти, социјалисти, анархисти, десни, леви, федералисти и комунисти и др. и денес е присутна во нашата историографија и во учебниците. А сите беа во една организација, тоа само говори за различните идеи, размислувања и концептите за патиштата за ослободување на Македонија. Се пишуваше и сеуште се шишува дека Врховниот македоно-одрински комитет бил најекспониран институт на бугарската влада. А премолчуваат дека и Гоце  Делчев и Ѓорче Петров беа членови на неговото Задгранично претставништво и тн.

ПРЕС24: Кога би требало да се анализира кое влијание било поголемо во организацијата, како би се дефинирало ВМРО, како десничарска или левичарска организација?

ТОДОРОВСКИ: ВМРО во својот историски развоен пат претрпувала повеќе видоизменувања во својата програмска платформа за ослободување на Македонија, а уште повеќе што на раководните позиции доѓале поголем број на личности, кои повеќе или помалку оставале свој печат во организацијата. Оттаму, таа не може стриктно да се дефинира како десничарска или левичарска, бидејќи во раководните сруктури имало и десничари (Христо Матов, Даме Груев, Христо Татарчев до 1919 година и др.) и левичари (Јане Сандански, Димо Хаџи Димов, Димитар Влахов, Павел Шатев и др.). Само во автономистичката ВМРО на Тодор Александров, од 1919 до 1924 година, имало и десничари, левичари, анархисти, федералисти и комунисти (бројот е огромен).

ПРЕС24: Минатите години почнаа да излегуваат нови моменти и информации за функционирањето на одредени револиционерни дејци, кои им даваат едно друго светло од она што историјата го имаше за нив. Таков е примерот за Тодор Александров?

ТОДОРОВСКИ: Јас поодамно имам изјавено  (во 1998 година на научна конференција во МАНУ) дека „македонските повоени, па и сегашни историчари на личностите на Ченто и Шарло паднаа на испитот на научната етика“, бидејќи пишуваа „под диктатот на партиските ставови и оцени“. Тоа се однесува и на Тодор Александров.

Тој  е еден од ретките македонски револуционери кој, без да биде објективно и документирано истражен и валоризиран,  беше бесрамно анатемисан и свесно идеолошки распнат и долго време беше држен под ембарго од македонската комунистичка историографија.

Нашите ангажирани историчари, кои го држеа монополот на историската вистина, не дозволуваа да се изврши преоценка на нивните партиски и идеолошки сознанија и оценки за личноста и делото на Александров. Токму заради тоа, за да ја документирам неговата вистина, во 2005 година издадов Зборник на документи за Тодор Александров на 1.000 страници под наслов „Сé за Македонија“, тргнувајќи од основната научна етика: што пишува, како размислува, за што се залага Тодор Александров, а не други што пишуваат за него и бесрамно го етикеираат.

Оваа година издадов и монографија за Тодор Александров, во едицијата „Македонски дејци“, заснована од изворна архивска документација.

ПРЕС24:  Но, она што се уште во историската јавност во Македонија некако споро се одвива е условно кажано рехабилитацијата на тие личност. Конкретно Александров, во Скопје тој има споменик, а во официјалната историја негативен контекст?

ТОДОРОВСКИ: Мислам дека во македонската историографија веќе не се пишува толку негативно за Тодор Александров. Но, секако, има и такви историчари кои заслепени од идеолошкото пишување за него сеуште опстојуваат на старите тези и сознанија. Како на пример, академикот Блаже Ристовски, кој во своите последни изданија на МАНУ и во рефератите за Тодор Александров ги пишува само некои негативно појави и изјави, додека другите, илјадници, ги премолчува. Тоа веќе не е наука. Но полека во македонската истиориографија и во енциклопедиите оделни личности и настани, кои досега негативно се пишуваше или беа премолчувани си го добиваат заслуженото место, како Павел Шатев, Методија Шаторов-Шарло, Владислав Ковачев, Тиквешкото и Охридското востание од 1913 година и тн.

ПРЕС24: Како го оценувате поставувањето на спомениците на револуционерни дејци, кои се малку или помалку познати во македонската јавност? Чакаларов? Андон Ќосето? И други..

ТОДОРОВСКИ: Пред се, поставувањето на спомениците треба да бидат согласно Законот за подигање на јавните спомници. Во Македонија досега мошне малку се посветуваше внимание на подигање  споменици на значајни историски личности, освен на спомен-костурници на загината партизани и на народни херои и борци од НОВ. Оттаму ова бројно подигање на споменици на дејци од историјата на Македонија, а најмногу од македонското револуционерно движење ја разбрани македонската јавност. Да беа досега континуирано подигнати немаше да има таква реакција.

Што се однесува до споменикот и личноста на Васил Чакаларов тој заслужува многу поодамна да има ваков споменик, затоа што тој е еден од најзначајните револуционери и дејци од Костурско, еден вид легенда за овој крај. Друго е прашањето што македонските генерации беа лишени од можноста да учат и дознаа повеќе за него. Според мене, споменици треба да имаа идеолозите, најзначајните македонски револуционери и личности, што не е случајот со Андон Ќосето, и покрај тоа што тој има извесни заслуги за организацијата. Неговото поставување пред судската палата, со нож во раце, кога Македонија се стреми кон највисоките демократски стандарди и вредности и кога е пред прием во ЕУ е несреќно и избрзано решение.

ПРЕС24: Оваа година за прв пат, по иницијатива на Академиите во Скопје и во Софија се случи заедничко одбележување на денот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј. Тој чекор треба да биде во насока на релкасирање на политичките односи меѓу Бугарија и Македонија. Бугарските власти инсистираат и на заеднички одбележувања на Илинден и други историски настани. Како го кометирате тоа?

ТОДОРОВСКИ: Добро е што започна процесот на одмрзнување на односите со Бугарија и на историски, научен план. Инсистирањето на бугарската страна задничко да биде одбележувањето на Илинден и на други итсориски настани треба да се одвива преку научна расправа, на заедники научни конференции и собири и преку заеднички проекти.

ПРЕС24: Како директор на државниот архив на Македонија честопати сте индиретно вклучени во процесот на лустрација. Многу прашина се крена во јавноста за целиот овој процес, особено беше потенциран моментот дека во архивите во Македонија нема доволно прецизни податоци за спроведување на реална лустрација?

ТОДОРОВСКИ: Можам слободно да кажам дека во процесот на лустацијата лично не сум вклучен, и покрај тоа што учествував во изработката на првиот закон за пристап на досиејата... Но Државниот архив, во кој се депонирани политичките досиеа, по силата на законто е инволвиран во процесот, бидејќи, на барање на Комисијата за верификација на фактите, им ги даваме посочените досиеа, и тие врз основа на нивната содржина  сами си доаѓаат до сознанија за одреди личности дали биле или не соработници на службите. Се разбира, реакциите стигнуваат од оние кои се погодини со Законот за лустрација и неминовно, од опозиционерските партии и од „невладини“ инструирани организации.

ПРЕС24: Неодамна беше најавена и соработка со Србија околу можноста за размена на архивски податоци токму во функција на овој процес, а кои се однесуваат на податоци за соработка со тајните служби водени во Белград. До каде е таа постапка и постои ли можност да се отворат архивите во Белград за потребите во Македонија?

ТОДОРОВСКИ: Веќе неколку години во рамките на процесот на реституција на архивскиот материјал од Архивот на Југославија и од другите архиви на Србија, водиме преговори на заедничките средби со сите директори на државните архиви на поранешните југословенски републики. И ова прашање е покренато за решавање, за кое посебно се заинтерсирани Словенија и Хрватска, се разбира и ние, Македонија, но српската страна го оддолговечува овој процес. Наредната средба е закажана во почетокот на овој месец, ноември, во Белград.

ПРЕС24: Државниот Архив на Македонија има склучено договори за соработка со повеќе држави. Како се одвива таа соработка? Има ли пречки во соработката?

ТОДОРОВСКИ: Државниот архив има потпишано соработка со преку 20 архиви од странство, повеќето од државите-членки на ЕУ, како што се Франција, Шведска, Италија, Австрија, Полска, Романија и др., со сите поранешни југословенски архиви, освен со Србија, и покрај нашите настојувања, и тоа со сите со уставното име на Република Македонија. Соработка се одвива на мошне прифесионален начин, без никакви пречки во истражувањето, размената на стручни публикации и изложби. Од досегашната истражувачка соработка, во рамките на размена на стручни екипи, најмногу документи имаме донесено од Бугарија и Турција. Со државните архиви на Бугарија, Полска и Турција имаме издадено и заеднички изданија. Соработката со државниот архив на Турција во сегашниот момент се одвива во дигитализацијата на архивскиот материјал и во обуката за дигитализација на наши кадри во нивниот архив. Единствено со Грција и Србија немаме соработка и за жал на нашите историчари им е забрането истржувањето во нивните архиви, што не е случај со истражувачите од нивните држави, тие секогаш се добродојдени во Државнио архив.

ПРЕС24: Има ли Македонија ресурси и финансиски и кадровски за да истражува во архивите кои се достапни на македонската историја?

 

ТОДОРОВСКИ: Досега истаржувањето во странските архиви се одвивало инцидентно, во зависност од средствата и интересот на историчарите. Единствено со државните архиви на Бугарија и Турција имавме програмско и континуирано истражување со размена на стручни екипи и архивски документи. Во моментот, на иницијатива на Владата, се изработува програма за истражување во странските архиви за прибирање на документи од историјата на Македонија и на македонскиот народ. Нашите образовни и научни институции имаат подготвен кадар, со знаење на сите поважни светски јазици за работа во странските архиви. Единствено средствата беа во прашање, но сега, сметам дека и овој проблем ќе биде надминат.

02.11.2014 - 11:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега