Во Македонија намален бројот на несреќи при работа

Во светот на секои 15 секунди околу 160 работници доживуваат несреќа на работното место. Според податоците на Меѓународната организација на трудот, годишно 317 милиони несреќи се случуваат на работа, а многу од нив резултираат со продолжени отсуства од работа.

Анализите покажуваат дека сиромашните практики за безбедност и здравје при работа не само што негативно се одразуваат врз здравјето на работникот, туку дека и економските трошоци се четири проценти од годишниот глобален бруто домашен производ. 

Во Македонија минатата година се бележи намалување на бројот на смртни случаи и повреди на работното место што укажува дека е подигнато нивото за обезбедување сигурни работни места. Сепак, земјоделството, градежништвото, рударството и транспортот остануваат сектори во кои се регистрирани најголем број повреди и несреќи на работното место.

Официјалните податоци на Државниот инспекторат за труд покажуваат дека во првиот квартал на годинава имало 194 повреди на работа од кои четири со смртни последици што е намалување во споредба со истиот период минатата година кога се евидентирани 243 повреди на работното место и четири смртни случаи.

Се зајакнува влијанието на синдикатот во безбедноста при работа

Во насока на обезбедување посигурни и побезбедни работни места по барање на Сојузот на синдикати на Македонија неодамна беа направени измени на Законот за безбедност и здравје при работа кои по завршување на расправата во собраниските комисии се очекува да бидат донесени на собраниска седница.

 

Со најновите законски измени ќе се зајакне улогата и влијанието на синдикатот во заштитата и безбедноста при работа. Работодавачот ќе треба да подготви изјава за безбедност за секое работно место, да овозможи претставник на вработените или претседателот на синдикалната организација да учествува во утврдувањето на недостатоците и подобрувањето на условите за работа, како и да ги консултира при набавка на работна опрема или воведување на нова технологија во работењето.

Меѓу другото, претставникот на вработените ќе има право најмалку два пати годишно да ги обиколи работните места заради согледување на состојбата со безбедноста при работа.

Според Сојузот на синдикати на Македонија, со ова успешно се реализира годинашната првомајска кампања за безбедни и сигурни работни места. 

- Остварувањето на правото на безбедност и здравје при работа, правото на поволни услови за работа кои нема да го нарушуваат здравјето и да предизвикуваат фатални последици за работникот за време на извршување на работните задачи, е едно од приоритетните заложби на ССМ. Имплементирањето на Законот за безбедност и здравје при работа во практиката во изминатите години ја изнесе на површина потребата од негови измени и дополнувања. ССМ покрена иницијатива да се измени Законот во делот на информирањето и консултирањето на синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат и претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа, вели претседателот на ССМ, Живко Митревски во изјава за МИА.

Од Организацијата на работодавачи велат дека предлог измените се логични и оправдани.

Претседателот на ОРМ, Ангел Димитров неодамна изјави дека заштитата на работното место ќе биде добра доколку се намалат повредите на работа и смртните случаи. - Тогаш ќе сметаме дека законот за заштита и безбедност при работа заживеал, истакна Димитров.

Стресот на работното место се почеста појава 

Во поново време се почесто се посочува стресот како еден од факторите кои негативно влијаат врз здравјето на работниците. Истражувањата покажуваат дека над 50 проценти од работниците во Европа сметаат дека стресот поврзан со работата е вообичаен за нивното работно место, а 4 од 10 работници мислат дека во компанијата во која се вработени не се справуваат успешно со оваа појава.

Едно неодамнешно истражување на Македонското здружение за заштита при работа покажува дека околу 80 проценти од анкетираните го посочиле стресот како првото нешто што би го елиминирале во работата.

Оттаму велат дека генерално сите професии се стресни и оти за надминување на оваа појава е потребно да постои добра комуникација меѓу вработените и работодавачот.

- Секоја професија во Македонија е стресна самата по себе. Штом 80 проценти од активно работоспособното население дефинира дека стресот е првото нешто што би го елиминирале како непосредна штетност тогаш генерално чувството на стресност во Македонија е присутно, изјави Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа. 

Експертите предупредуваат дека стресот нe само што негативно се одразува врз здравјето на работникот, туку оти оваа појава создава и дополнителни трошоци за работодавачот, кој ќе треба да му плаќа боледување на отсутниот работник и да ангажира друго лице на негово место.  

- Едно истражување направено во Велика Британија покажува дека трошоците поврзани со несреќа која го одалечува работникот од работното место во период од три месеци чини околу 50 илјади фунти. Нашето истражување направено по истата методологија покажува дека трошоци би биле околу 120 илјади денари, вели Петковски.

Во неодамнешното европско истражување спроведено од Европската агенција за безбедност и здравје при работа како причини за појава на стрес се посочуваат преместувањето на друго работно место или несигурноста за работното место, работењето голем број часови или пренатрупана работа и малтретирањето и иживувањето на работа.

Мажите поподложни на повреди од жените

Статистиката покажува дека мажите почесто се повредуваат на работа, отколку жените, односно според податоците со кои располага Македонското здружение за безбедност при работа, во 2013 година во 62 случаи со повреди се здобиле мажи, а само во осум случаи биле повредени жени. 

Пролетните и летните месеци и понатаму остануваат период кога се случуваат најголемиот број несреќи на работното место. 

Правото за здравје и правото на безбедност на работа се универзални човекови права кои подразбираат создавање здрава, хумана и сигурна работна средина. Од создавањето безбедни работни места бенефит имаат и работниците и работодавачите.

02.11.2014 - 10:21
Фото: 
02.11.2014 - 10:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега