Предизвиците на патот кон ЕУ и НАТО, во фокусот на Иванов пред Трилатералната комисија

Проблемите со кои се соочува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, селективниот пристап и двојните стандарди кон Македонија, толерирање на непочитувањето на меѓународното право и меѓународните обврски, на пресудата од Меѓународниот суд за правдата...

Ова, меѓудругото го изнел претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на денешната средба на 38-та Европска средба на Трилатералната комисија во Белград, јави известувачот на МИА од Белград. Македонскиот претседател имаше обраќање и учествуваше во дебата на темата „Земјите од регионот на патот кон ЕУ“.

- Претседателот Иванов настапи со објективна претстава на фактите за проблемите на патот кон ЕУ и НАТО со кои се соочува Република Македонија, укажа на селективниот пристап и двојните стандарди кон Македонија, што доведоа до толерирање на непочитување на меѓународното право, на меѓународни обврски, на пресуда од Меѓународниот суд за правдата, што пак не придонесува кон стабилноста и просперитетот на регионот, а генерално гледано ваквата практика не е во корист на заложбите за по предвидливи и по сигурни односи, информираат од неговиот Кабинет.

Во дебатата по воведните обраќања на прашања на членови на Трилатералната комисија, шефот на државата предупредил за можните последици по безбедноста на регионот, предизвикани од статус-кво состојбата во евроатлантските интеграции.

Кабинетот на Иванов информираше дека учеството на конференцијата претседателот ја искористил и за неформални средби со членови на Трилатералната комисија со кои во изминатите пет години имал можност да контактира и да ги среќава на разни меѓународни настани.

Претседателот Иванов, е еден од неколкутемина поканети државници од регионот, беше поканет да учествува на средбата од претседателот на Европската група на Трилатералната комисија Жан Клод Трише и српскиот премиер Александар Вучиќ.

Вучиќ и Трише денеска во хотелот „Краун Плаза“ во Белград ја отворија средбата на Трилатералната група, која се оценува како собир на највлијателните луѓе во светот. Средбата е затворена за медиуми и трае до 3 ноември. Темите на средбата, меѓудругото, се актуелни состојби, Западен Балкан, визии за иднината, енергетика, Украина...

Во рамки на официјалната посета на Србија, Иванов денеска имаше средба со српскиот премиер Алаксандар Вучиќ, на која беа реафирмирани заемните определби за продолување на позитивната динамика во соработката меѓу двете земји, и во таа смисла беа истакнати очекувањата од следната заедничка седница на двете влади. Централно место во разговорите, како што информираат од Кабинетот на претседателот, имаа прашањата од сферата на економијата и крупните регионални инфраструктурни проекти кои ќе ги поврзуваат дравите и народите во регионот, како и соработката во сферата на евроинтеграциите.

Претседателот Иванов во рамки на посетата во Панчево ќе се сретне и со претставници на македонското малцинство во Србија. 

01.11.2014 - 14:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа