Неверојатно откритие на Маркови Кули над Прилеп

Деновиве се вршат археолошки ископувања на тврдината на Марковите кули над Прилеп. Според научниот советниик, археологот Бранко Ристески, кој ги предводи истражувањата, овие ископувања донеле значајно откритие.
 
– Првпат во средишниот дел на тврдината, кој е и најзначаен откривме средновековна тврдина која датира од 13.век и е првична византиска градба.Станува збор за градба, палата од најмалку 400 квадратни метри, при што приземниот дел е позициониран од северната страна до бедемот на средновековната тврдина, при што второто ниво на кое се наоѓаме, пристапот водел преку карпа и нивото каде што се позиционирани гробовите, вели Бранко Ристески, научен советник- археолог.
 
Ја граделе византиските умешни неимари вешто вклопувајќи ја градбата во карпите, за да ја потенцираат моќта на Византија. Се обиделе да ја возобноват српските великодостојници Волкашин и Марко и сакале да и го вратат стариот сјај.
 
- Палатата на катови ги опфаќала сите простории за живот, а веднаш до неа  е гробница на благородниците, од ист тип какви што се гробовите во карпите на Трескавец.Карактерот на објектот и неговата местоположба, без сомнение упатува на значаен член на заедницата, и тоа и во времето на Византиското владеење, но и во времето на Волкашин и Марко, вели Ристески.
 
Се откриваат садова и градежна керамика, просториите за живеење и работа, орудија, оружја, стрели.
 
Тврдината на Марковите кули била една од петте најмоќни на Балканот. Со Трескавец и Зрзе биле воени коти. Палатата достојна за истакнати воено-политички членови, ги открива животот и моќта во средновековието. Секое ново истражување е откритие.
 
- Укажува на нејзината репрезентативност и уникатност во однос на сите други познати објекти на Марковите кули и на поширокиот простор. Во овој момент можеме да зборуваме за една прекрасна креативност во користењето на просторот, на вклопувањето на карпите во еден ваков палатен систем. Значи станува збор за едни исклучителни неимари, клесари кои успеале да ги вградат дадените природни форми  во една прекрасна содржина како како еден од највисоките облици на цивилното живеење во Византија, појасни Ристески.
 
Големата тврдина, палатата и самиот простор се туристичка атракција и при ваква состојба, смета Ристески.
 
- Ги откриваме  тие дострели на византиската култура и цивилизација, од аспект на архитектура, форификациско уредување на просторот, на фрескопис, организација на стопанското и економското живеење. Едно цело богатство на форми кои во еден момент тој процут  експлодира на овој простор. И во тој однос на тој највисок степен на развиток, на културните содржини на Марковите кули, сите други  се бледи и по малку безначајни. Туристичка атракција, дури и во ваква форма, руинирана е неспорна. Но за да биде во вистинскиот сјај, треба од една страна да бидат комплетирани сите негови содржини и финеси на вредностите на Марковите кули да бидат изјаснети, рече археологот Ристески.
 
Екипата ќе работи до средината на ноември и ќе се открива внатрешноста на палатата, а потоа ќе се документира.
01.11.2014 - 11:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа