Иванов во Белград на Европската група на Трилатералната комисија

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во српскиот главен град ќе учествува на 38-та средба на Европската група на Трилатералната комисија, што се оценува како собир на највлијателните луѓе во светот. Се очекува тој денеска да оствари средба и со српскиот премиер Александар Вучиќ.

Според најавите, Иванов ќе се обрати пред најголемите светски и европски банкари и индустријалци, како и поранешни и сегашни политичари, кои учествуваат на Трилатералната комисија, која првпат се организира во Србија.

На конференцијата, како што јави известувачот на МИА, ќе бидат отворени теми кои се од интерес на Република Македонија и за регионот. Според српските медиуми темите за кои ќе се зборува се Западен Балкан, актуелни состојби, визии за иднината, енергенси, Украина...

- Тоа е можност за размена на мислења за предизвиците со кои се соочува Република Македонија и земјите од регионот на патот на интеграциите, за состојбите и перспективите на регионот, брифираат од Кабинетот на Иванов.

На отворањето на 38-та средба на Европската група на Трилатералната комисија ќе се обрати српскиот премиер Вучиќ, како и Жан Клод Трише, поранешен претседател на Европската централна банка. Конференцијата е затворена за медиуми.

Како најважна личност од светот на бизнисот која се очекува на средбата се очекува да присуствува, според овдешните медиуми, Питер Сатерленд, претседател на најголемата инвестициска банка „Голдман Сакс“. Меѓу околу 180-те гости се и поранешниот италијански премиер Марио Монти, советникот на „Голдман и Сакс“ и поранешен чешки министер Владимир Длухи, пратеникот на Бундестагот Михаел Гукс, гувернерот на Националната банка а Белгија Лук Коен. Од регионот поканети да присуствуваат на оваа средба се македонскиот претседател Иванов, црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, претседателот на Република Српска Милорад Додик, како и членот на претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ. Учеството на Трилатераната конференција вчера го откажа претседателката на Косово, Атифете Јахјага.

Претседателот Иванов, кој инаку е во официјална посета на Србија, во Панчево ќе оствари средби со претставници на македонското национално малцинство во Република Србија.

Вчера тој имаше тет-а-тет средба со неговиот домаќин српскиот претседател Томислав Николиќ, како и со претседателката на Собранието Маја Гојковиќ. 

01.11.2014 - 10:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега