Во Струга конференција за Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство
Регионална конференција посветена на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство се одржа денеска во Струга, во организација на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуроска, Нола Исмаилоска и Момчило Аврамоски.
Новиот закон кој е веќе на сила, како што рече заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибраими, предвидува голем број новини во превенцијата и спречувањето на овој вид насилство, а дефинирана е и надлежноста на институциите во вакви случаи.
- Се работи за закон каде што решаваме еден огромен проблем, а истовремено работиме и на јакнење на свеста кај граѓаните за препознавање на семејното насилство. Ова е еден од најтранспарентните закони којшто е донесен барем во последниот период затоа што беше вклучена целата академска јавност. Одржавме и две јавни расправи и препораките што произлегоа од тие расправи беа вметнати во самиот текст на законот. Во овој закон имаме нов термин, а тоа е економското искористување како нов модел којшто е актуелен не само кај нас, туку и во Европа, меѓутоа новина е што секоја е институциите си ја знае својата работа во постапување при семејното насилство. Оној којшто знае а не го пријавува семејното насилство, ќе сноси казна во висина од две до 2 и пол илјади евра, истакна Ибраими.
Според претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Лилјана Поповска во годинашниот извештај на Европската комисја, првпат е пофалена Македонија дека го зајакнала капацитетот на локалните комисии за еднакви можности на жените и мажите.
- Сметам дека Законот за борба против семејното насилство е извонредно добар и е еден вид мала револуција во третманот на семејното насилство и семејството врз жените и децата. Сменет е пристапот, што значи дека наместо оној што е тепан и малтретиран да бега од дома, се отстранува насилникот. Новина е и тоа што полицијата со овој закон си презеде многу сериозни обврски и сосем други надлежности кои досега ги немаше заради што ќе треба да се направат серија обуки и едукации. Посебно ќе треба да се едуцираат и судиите, обвинителите и адвокатите затоа што сега има комплетно нов пристап врз третманот на семејното насилство, појасни Поповска.
Како што рече Афердита Имери од Македонското женско лоби, новиот Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство оди во прилог на жртвите на семејното насилство, а со тоа и врз насилството врз жените, децата и старите лица.
- Според истражувањата направени во Македонија, секоја четврта жена е жртва на семејно насилство и тука не зборуваме само за физичкото, туку и за економско, психичкото и друг вид насилство. Поголем број на јавувања и на случаи на семејно насилство не укажуваат дека се зголемува феноменот на семејно насилство, туку се зголемува пријавувањето и свеста, нагласи Имери.
Новиот закон којшто го третира семејното насилство предвидува и кратки законски рокови од 24 часа за решавање на проблемот со ваков вид насилство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа