Добра вест за Скопје: Макстил од денеска го прекинува прозиводството

 

Скопската железарница „Макстил“ од денеска го прекинува производството во погонот Челичарница додека не ги исполни предвидените обврски за реализација на оперативниот план за воведување еколошки стандарди, објавија од компанијата.

Во меѓувреме производството во погонот Валавница ќе продолжи непречено со полупроизводи од увоз.

„Во претстојниот период ноември 2014 до јануари 2015 следува завршната фаза од реализацијата на проектот нова филтерска постројка. Таа опфаќа монтажа и поврзување на новата постројка со постоечките инсталации. Од средината на декември 2014 до средината на јануари 2015 следуваат ладни и топли проби, по што погонот Челичарница повторно ќе биде активиран, а ќе работи по најстрогите европски норми за емисии на издувни гасови во амбиенталниот воздух“, стои во информацијата од „Макстил“.

Фабриката за феролегури „Југохром“ од тетовско Јегуновце, пак, за која исто така денеска истекува рокот за обезбедување на А-интегрирана еколошка дозвола, вчера попладне доставила барање за да и се продолжат роковите, потврдиле за МИА од Министерството за животна средина и просторно планирање. Оваа фабрика е многу подалеку во напорите за исполнување на потребните еколошки стандарди.

Владата денеска треба да одлучи дали рокот одново ќе го продолжи или фабриката ќе мора да престане со работа. За двете фабрики-загадувачи роковите веќе се продолжуваа неколкупати, а последното одлагање на обврските го добија во април.

 

 

31.10.2014 - 14:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега