Активностите за изградба на патот Прилеп-Градско според планираното
Во текот на наредната недела треба да започне процесот на експропријација на земјиштето на кое треба да се гради експресниот пат Прилеп - Градско. Во ноември треба да бидат одобрени средства за изградба на првата делница од страна на Европската банка за обнова и развој, најави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески одговарајќи на пратеничко прашање на седница на Собранието на Република Македонија.
- Завршена e изработката на проектите, a пред еден месец беше завршен и усвоен и инфраструктурнот проект. Претходно беше извршена пренамена на земјоделското во градежно земјиште. Во текот на наредната недела ќе започне постапка за експропријација, со што ќе се создадат услови за почеток на изградба на делниците од Прилеп до Градско, рече Јанакиески.
Изградбата, додаде, ќе биде во три фази. Првата опфаќа 11 километри и двете клисури Фаришка и Дреновска.
- Тоа е инвестиција од околу 44 милиони евра финансирани преку Европската банка за обнова и развој. Средствата за оваа делница треба да бидат обезбедени преку Бордот на директори на ЕБОР во текот на ноември. Очекуваме некаде во првата половина од 2015 година да се распише повикот и потоа да почне изградбата, рече министерот.
Втората делница, додаде, од Градско до клучката во Кавадарци е во должина од 15 километри и е инвестиција од 32 милиони евра.
- Овој проект е веќе дел од Оперативната програма 2014-2020 година за што побаравме средства од ИПА во висина од 32 милиони евра. Очекувам некаде во 2016 година да започне со изградба земајќи предвид како одат процедурите и роковите кога се користат европски средства, појасни министерот Јакимоски.
Останатиот дел или третата делница е инвестиција од околу 6 милиони евра кои ќе се финансираат од средства од буџетот на ЈП за државни патишта за периодот 2016-2017 година.
Министерот Јанакиески најави дека целиот пат треба да биде изграден најдоцна до 2018 година.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, одговарајќи на пратеничко прашање за квалитетот на амбиенталниот воздух во Битола, и воопшто во земјава, истакна оти тој постојано се следи, за што, како што рече, е формирано и меѓуресорско тело.
Исто така, додаде, дадени се и препораки, преземени се долгорочни и краткорочни мерки. Се апелира, рече, повеќе да се користи јавниот превоз, да се возат автомобили порационално, граѓаните да не се затоплуваат со отпадно фарбано дрво...
Причинителите за загадувањето во Битола, според Темелковски, не можат точно да се откријат, односно не може да се прецизира од каде доаѓаат ПМ 10 честичките.
- Се знае дека 30 проценти од загадувањето го прави индустријата, 30 транспортните средства и останатото домаќинствата и малите индустриски капацитети, рече Темелковски.
Додаде дека стандардите во индустријата се веќе постигнати, како што рече, со мали исклучоци. За РЕК Битола, појасни, европските стандарди треба да се постигнат до 2017 година. Сепак, рече, ние не чекаме дотогаш и веќе преземаме мерки, како што е реконструкцијата на РЕК, а се прават тестови за отпрашување.
Планирано е да се удвојат инспекциските надзори кај сите капацитети кои имаат А или Б интегрирани дозволи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа