Шест лица загинаа во пукотниците во колеџот во Санта Моника
Маж вооружен со автоматска пушка вчера уби шест лица во Санта Моника, Калифорнија, пред полицијата да го застрела во библиотеката во градскиот колеџ.
Началникот на полицијата Жаклин Сибрукс на прес-конференција го опиша напаѓачот како белец на возраст меѓу 25 и 30 години, облечен во црно со панцир. Според неа, тој убил две лица во куќа во Санта Моника која била опожарена, уште двајца на патот кон кампусот на колеџот, и уште двајца на истиот кампус. Напаѓачот влегол во библиотеката на колеџот и пукал по уште луѓе, но за среќа не убил никого. Полицајците отвориле оган врз осомничениот, кој бил убиен на место. Кампусот бил пребаран по втор осомничен. Очевидци виделе како полицајци апсат маж, облечен во црно, со натпис на грбот „Животот е коцка“, кој не изгледал ранет.
- Не сме стопроцентно сигурни дека убиениот напаѓач дејствувал сам, изјави началникот на полицијата, која соопшти дека едно лице е приведено во врска со насилството.
Телевизиите јавуваат дека нападот се случил додека на неколку километри оддалеченост се наоѓал претседателот на САД Барак Обама, учествувајќи на еден добротворен собир, но според првите информации нападот не е поврзан на кој било начин со тоа.