Ќе се реконструира стадионот „Под Тумбе Кафе“

 

Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Илчо Ѓоргиевски, денеска потпишаа договор за реконструктивни зафати на фудбалскиот стадион „Под Тумбе Кафе“.

Согласно потпишаниот договор, на фудбалскиот стадион „Под Тумбе Кафе“ во Битола ќе биде извршена реконструкција на теренот и поставена природна трева, а ќе бидат поставени рефлектори за ноќни фудбалски натпревари.

- Станува збор за проект на УЕФА од програмата „Хет-трук четири“ кој овозможува поставување природна трева на теренот со систем за ирегација според стандардите на УЕФА. Минатата недела, стручно лице од УЕФА во Битола изврши стручна анализа на теренот и даде насоки за реализацијата на овој инфраструктурен зафат на теренот и поставувањето на рефлекторите, посочи Ѓорѓиевски.

Вредноста на проектот е околу 800.000 евра, средства кои ги обезбеди ФФМ додека пак општина Битола ќе го врши останатиот дел од реконструкцијата на стадионот „Под Тумбе Кафе“, посочи битолскиот градоначалник Владимир Талески.

- Стадионот во Битола за нас е посебна грижа, а добро е тоа што и за ФФМ стана приоритет. Ова е покрупен чекор што го правиме заедно со ФФМ, односно реконструкција на теренот и електрификација на стадионот. Ние имаме и проект за реконструкција и доизградба на стадионот за 12.000 гледачи и очекуваме деновиве заинтересираните фирми за изградба на стадионот да го соопштат нивниот интерес, а потоа ќе распишеме оглас за јавно приватно партнерство, истакна Талески.

Инаку, попладнево во спортската сала „Младост“ во Битола ќе се одржи хуманитарен фудбалски натпревар и концерт, а собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели. 

29.10.2014 - 15:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега