Од први јануари минималната плата ќе се зголеми на 9590 денари

 

Минималната плата од 1-ви јануари ќе се зголеми од 8.800 на 9.590 денари, според најновите измени на Законот за минимална плата усвоени од Економско Социјалниот Совет и Владата на Република Македонија.

 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ги презентираше најновите измени на Законот за минимална плата со кој во 2012 година за прв пат беше утврдена најниската месечна плата.

„За прв пат во 2012 година  со посебен Закон  се овозможи да се утврди најнискиот месечен износ на основна плата кој работодавачот беше должен да му ја исплати на работникот во висина од 8.050 денари, за годинава истата да се покачи на 8.800 денари, а со направените измени дефиниравме дека покачувањето на минималната плата следната година ќе започне од почетокот на годината, односно од 1-ви јануари 2015 година, при што минималната плата од 8.800 денари ќе се зголеми и ќе изнесува 9.590 денари, за во јануари 2016 година да се зголеми на 10.080 денари“, изјави Спасов.

Во дејностите кои се трудо интензивни,  производство на текстил, производство на облека и производство на кожа и слични производи од кожа, минималната плата од 1-ви јануари ќе се зголеми на 8.050 денари, а во 2016 година ќе изнесува 9.000 денари, во 2017 година 9.590 денари и 2018 година 10.080 денари.

28.10.2014 - 21:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа