Прифатени предлог-законите за внатрешна пловидба и за сигурност во железничкиот систем

 

Собранието на Република Македонија попладнево на 19-тата седница донесе заклучок дека е прифатлив Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешна пловидба и дека може да се проследи на натамошно, второ читање. 

Со измените се регулираат условите за полагање испит за стекнување звање управувач на чамец и за член на екипаж на брод.  Испитите ќе се полагаат пред комисија составена од Министерството за транспорт и врски. Се дефинираат условите за членови на Комисијата, која е составена од претседател и четири члена. Тие треба да бидат лица со соодветна стручност кои ги познаваат прописите од внатрешна пловидба. За член на комисијата може да конкурира и странец кој ќе приложи сертификат за стручност. 

Основниот закон за внатрешна пловидба е донесен во 2007 година од кога се направени десет изменувања заради внесување иновации и ефиканска контрола во оваа дејност.  

Прифатлив за второ читање е и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за сигурност во железничкиот систем.  Со него се уредуваат начинот и условите за сигурност во железницата. Прецизиран е начинот за полагање испит за општа професионална способност, за стручно познавање и компетентност во врска со железничкото возило и за стручно познавање на железничката инфраструктура, како и периодични проверки на звање машиновозач. Утврдени се и критериуми кои треба да ги исполнуваат овластените обучувачи. 

Пратениците ја завршија расправата по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пензисокото и инвалидското осигурување. Тој предвидува формирање совет за социјална сигурност кој ќе  има 11 члена делегирани од повеќе министерства, Сојузот на здруженија на пензионери, фондовите за пензиско и за здравствено осигурување, Црвен крст на РМ... Заменик-министерот Ибрахим Ибрахими истакна дека советот ќе се формира заради унапредување на социјалната положба и животниот стандард на корисниците на пензија. 

Уште три измени се содржани во законот -  можноста за поднесување барања за остварување право на пензија во електронска форма, зголемување на пензиите за 5 отсто од септември 2015 и усогласување во врска со продажба и давање под закуп на деловни згради во РМ, во случајов тие кои ги користи Фодот за ПИОМ, а нема потреба од нив. 

По овој предлог ќе се гласа на продолжението на 19-тата седница кое претседателот на Собранието Трајко Вељаноски го закажа за утре. 

28.10.2014 - 17:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега