„Го мразам своето тело, сакам да сум слаба“ - дневникот на тинејџерка која починала од анорексија
Мајката на Лореда Верта, девојка која умрела на 19 години од анорексија, по пет години од нејзината смрт решила со светот да го сподели дневникот на својата ќерка за да им помогне на девојките кои се борат со оваа болест која зема замав кај тинејџерките.
"Го мразам својот живот, го мразам своето тело, сакам да бидам слаба", напишала во дневникот тинејџерката.
На Лореда и' било дијагностицирано пореметување во исхраната кога имала 16 години. Со болеста се борела три години, а потоа почнале да и' откажуваат органите. По заболувањето на црниот дроб во 2009-тата година, девојката умрела од срцев удар, а пет години по смртта, нејзината мајка Ана одлучила да го објави нејзиниот дневник за да им помогне на сите да сфатат низ какви маки минувала оваа девојка.
"Анорексијата ја окупирала секоја нејзина мисла", рекла мајката.
Нејзината борба со анорексијата започнала кога имала 16 години, кратко откако се запишала во училиште за танц. Според зборовите на нејзината мајка, таа еден ден се вратила од тренинг вознемирена, пишува Daily Mail.
"Кажа дека девојките од групата се многу послаби од неа. Таа веќе беше убава и слаба. Сакаше да ужива и да јаде со семејството. Инсистирав дека е премногу убава, но таа само одмавнуваше со главата. Сите девојки имаат проблеми со самодовербата, но јас се надевав дека таа ќе се избори. Почна да јаде мали порции за време на оброкот", раскажала мајката.
"Во тоа време не можев да разберам како ја изгубила контролата над своето тело и како не и' беше подобро и покрај нашата грижа. Но сега, гледајќи низ нејзините очи, ја сфатив таа нејзина борба. Сакам девојките кои го читаат ова да се препознаат себе во неа".
Лореда во еден момент признала дека и' е потребна помош и напишала: "Боже, потребна ми е помош. Се плашам дека навистина ми е потребна помош. Немам сила ни да плачам. Се мразам себе и го мразам мојот живот".
"Анорексијата ја окупирала секоја нејзина мисла, нејзиното постоење. Не знаела дека е смртоносна болест, убиец. Доколку нејзините дневници можат да им помогнат на другите, тогаш направив нешто добро", рекла Ана.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа