Бакрачески: Охридските училишта затрупани во долгови
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески информира дека финансиската состојба на сите училишта во општина Охрид е речиси иста, имаат натрупани долгови за електрична енергија и нафта.
По денешната посета на основното училиште „Христо Узунов“, тој најави дека Секторот за образование на општина Охрид прави анализи за моменталната финансиска состојба со охридските училишта.
- Најчесто училиштата, меѓу кои и „Христо Узунов“, должат за неисплатена струја и нафта. Се надеваме дека до крајот на оваа година ќе имаме средства од Светска банка за реконструкција на поголем број училишта во Охрид. Во тој проект планираме да влезе и училиштето „Христо Узунов“. Се надевам дека ќе имаме доволно време до почетокот на наредната учебна година, да се сретнеме со директорите на училиштата, да направиме адекватна стратегија и да почнат училиштата редовно да ги исплаќаат долговите, рече Бакрачески.
Општината, додаде тој, има изработено долгорочна програма, со која ќе им помага на училиштата да излезат од проблемите со долговите и финансиските потешкотии. Ќе се применува стратегијата план на сервисирање на долговите, за што се надева дека барем со почетокот на наредната учебна година, училиштата ќе ги надминат проблемите и ќе почнат редовно да ги исплаќаат обврските кон доверителите.
Тој најави дека од следната учебна година, ќе бидат преземени зафати за реконструкција и санација на дел од училиштето. Предизвикот на работењето и доброто менаџирање е неисцрпна тема за секое едно училиште и менаџерскиот тим, посочи директорот на училиштето „Христо Узунов“ Тони Симоновски.
Ова училиште, нагласи, опфаќа голем реон и опслужува околу 1.300 ученици и оти реконструкција и санација е повеќе од потребна. - Најголем проблем е промената на прозорците и вратите на нашето училиште. Тоа ни создава дополнителни трошоци во грејната сезона, поради бегањето на топлината. Потребно ни е зголемување на енергетската ефикасност. Потоа, покривот, кој се уште е со азбестни табли, треба да се промени во иднина. Училиштето со секоја нова учебна година си има нови обврски и потреба по нешто да се реконструира, појасни Симоновски.
Долговите за електрична енергија, нагласи директорот, училиштето ги исплатило со помош на Локалната самоуправа, додека долговите за нафта, се движат и до неколку милиони денари.
ФОТО: Денешен