Пингвини доаѓаат во Македонија

По зимата, вообичаено ластовичките се оние што ја најавуваат пролетта, но заедно со нив идната година не очекува уште едно ново изненадување од Зоолошката градина. Првите гости коишто напролет ќе пристигнат од Виена ќе бидат пингвините, за кои веќе се работи на изработка на идејно решение за нивното живеалиште, пишува ВЕЧЕР.

 hitportal-pingvini

Скопската Зоолошка градина ќе се збогати со нови жители и тоа со пингвини. Во фаза на изработка е идејно решение за живеалиштето на пингвините, најави менаџерскиот тип на ЗОО Скопје. Наша екипа веќе била во посета на зоолошката градина во Виена од каде што ќе го примени искуството за целиот процес со пингвините. Со нивна соработка ќе се обезбеди живеалиште за овие животинчиња и ќе се спроведе процесот на транспорт.

Најверојатно, пингвините ќе бидат донација токму од виенската зоолошка. Сепак, колку пингвини ќе пристигнат во Скопје и тоа најверојатно напролет, ќе се знае откако ќе се изработи идејното решение за животинчињата. По неговата изработка ќе се побара и локација во рамки на Зоолошката. Тим составен од архитект, биолог и ветеринар се вклучени во процесот.

Во фаза сме на изработка на идејно решение за живеалиштето на пингвините. Бевме во посета на зоолошката во Виена и со нивна помош ќе го спроведеме целиот процес. И идејното решение е донација и тоа од архитектката која има проектирано голем број живеалишта во Зоолошката и воглавно се на основа на донација чие име е Ивана Костовска, истакна Дане Кузмановски, одговорен за односи со јавност на ЗОО-Скопје.

Иако пингвините повеќето граѓани ги асоцираат на снег и зимски услови, од ЗОО-Скопје велат дека ова ќе бидат пингвини прилагодени на нашите европски услови на живеење.

Има неколку видови пингвини, а овие се адаптирани на европски услови за живеење во мали пештери, каде преноќуваат, а преку ден се нон-стоп надвор. Немаат некои посебни потреби, живеат и на топло и на ладно, објаснува Кузмановски.

Бидејќи се донација, единствен трошок за пингвините ќе биде транспортот. Нивната исхрана се состои од риба.

Изминатите години менаџерскиот тим на Зоолошката постојано работи на збогатување со нови видови животни и содржини од забавно-информативен карактер. Освен што се донесоа неколку жирафи, се изградија повеќе живеалишта, поради поголема комоција на мајмуните наскоро ќе почне и изградбата на мајмунарата, а на местото на старото живеалиште на нилскиот коњ ќе се направи мултифункционален едукативно-образовен центар поради зголемениот интерес од учениците.

Морски лавови и фламинго ќе ги имаме за Нова година

Од ЗОО-Скопје информираа дека вообичаено нови животни се набавуваат кон крајот на зимата и почетокот на пролетта бидејќи се избегнува транспортот во зиме поради ниските температури.

Сепак, во зависност од временските услови ако времето биде потопло се очекува до Нова година да пристигнат и морските лавови и фламинго птиците. Се очекува за месец и половина, односно до крајот на декември да бидат завршени нивните живеалишта, информираа од Зоолошка.

21.10.2014 - 23:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа