Украинските бизнисмени заинтересирани за инвестиции во Македонија
Украинска бизнис делегација составена од стопанственици од градежништвото, метало-преработувачката индустрија, туризмот, земјоделството и производството на вино и минерална вода, престојува во тридневна посета на Македонија. Денеска во македонската Влада, на украинските бизнисмени им беа презентирани бизнис можностите на земјава.
Министерот за странски инвестиции Бил Павлески, по средбата со украинската делегација истакна дека бизнисмените се заинтересирани да ги прошират своите бизниси во Европа, преку Македонија. Павлески информирал дека најголем интерес бил покажан за извоз на земјоделските производи.
-Украинските бизнисмени се заинтересирани и за хотелиерството. Сакаа да ги разгледаат индустриските зони во Македонија и можностите за отворање нови фабрики. Тој процес е долготраен. Тие се заинтересирани и за хотелиерството, поточно за отворање луксузни хотели, информирал Павлески по средбата со украинската делегација.
Почесниот конзул на Украина за Македонија, Василиј Никулин, ги потенцирал одличните односи меѓу Македонија и Украина.
Инаку, оваа посета на бизнис делегацијата е резултат на бизнис форум кој се одржуваше во Украина, на кој присуствуваше владина делегација од Македонија.
Според најавите, украинската делегација утре ќе го посети Охрид.