Нема простување за допинг за спортистите

Агенцијата за млади и спорт заедно со Националната антидопинг комисија почнувајќи од денеска ќе реализираат проект за информирање на спортистите, тренерите, медицинските и спортските работници за опасноста од користењето на допинг средства и методи.

За потребите на проектот изготвени се брошури, ќе се одржат семинари и предавања, со цел спортистите да се информираат за тоа кои супстанци и методи се забранети за користење. Антидопинг кампањата е строга и не простува ниту на „невините“ спортисти и медицински работници, односно на оние кои од незнаење користеле забранети супстанци и методи.

-Целта на оваа кампања, која што официјално започнува денеска, а која ќе се реализира се до април 2015-та година преку низа работилници и едукативни сесии, е да ја подигнеме свесноста од штетните последици од допингот, свесноста од значењето и важноста од негувањето и унапредувањето од т.н чист спорт, но и да укажеме и на штетните последици кои што спортистите би ги имале доколку надлежните институции констатираат употреба на недозволени средства, односно недозволени методи, вели директорот на АМС Марјан Спасески.

Со програмата на проектот ќе бидат опфатени околу 1.200 спортисти, 200 тренери, 200 доктори и спортски работници, а проектот најверојатно ќе заврши до април 2015-та година.

Со овој проект сите инволвирани лица во спортот ќе се едуцираат кои супстанци се дозволени, а кои не и кои се последиците од користењето на допингот.

-Кога се работи за допинг прекршок од незнаење за тоа што е допинг супстанца и што е тоа допинг метот, кој медикамент содржи допинг супстанца, а не знаеме дека содржи, тоа се т.н. невини случаеви. Меѓутоа по принципот на строга обврска и одговорност нема извинување. И да е невин случајот, подлежи на санкции. Од тој контекст ние ќе ја направиме оваа едукативна кампања, која ќе продолжи да се организира и во наредните години, изјави Проф.д-р Илија Стоилов претседател на Националната антидопинг комисија.

Овој проект е финансиски поддржан од УНЕСКО со 20.000 долари, а ќе бидат опфатени првенствено спортските федерации на најмасовните и најпопуларните спортови во Македонија, како што се фудбалот, кошарката, ракометот, боречките вештини, тенисот.

20.10.2014 - 15:15


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега