Обединетото Кралство донира 10.000 фунти за АРМ
Армијата на Република Македонија денеска ќе добие донација во вредност од 10.000 фунти од Обединетото Кралство. Донацијата, чие примопредавање ќе се изврши во Центарот за странски јазици во касарната „Илинден“ во Скопје, се состои од учебници за систематско изучување на англискиот јазик, дополнителни материјали и друга стручна литература за збогатување и унапредување на наставата по тој јазик.
Со донацијата припадниците на АРМ ќе имаат можност да следат современа настава по англиски јазик од учебници, ЦД-а и разни други изданија, кои се дел од програмите на престижните универзитети во Обединетото Кралство, како што се Кембриџ и Оксфорд.
Од Министереството за одбрана информираат дека во иднина, наставата по англиски јазик, припадниците на АРМ ќе можат да ја следат и со помош на Смарт Боард (Паметна табла), со што покрај нејзиното осовременување, таа ќе се изведува интерактивно. Со модерните софтвери, слушателите на оваа настава ќе ја имаат главната улога, а наставникот само ќе ги насочува.
Литературата и опремата ќе бидат распоредени во десет различни училници на Центарот за странски јазици низ гарнизоните на АРМ.
На церемонијата за доделување на донацијата е најавено присуство на министерот за одбрана Талат Џафери, началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија Кристофер Ивон, одбранбеното аташе и претставници на амбасадата на Обединетото Кралство, како и високи претставници од МО и ГШ на АРМ.
- Со донирање на учебниците и дополнителната опрема за изучување на англискиот јазик, ќе се олесни наставата по англиски јазик, како еден од клучните фактори за остварување на интероперабилноста со НАТО, каде еден од службените јазици е англискиот. АРМ има развиено одлична билатерална соработка со Вооружените сили на Обединетото Кралство, која освен на полето на јазичната обука е развиена во делот на обуката, вежбите и военото образование. Во прилог на ова говори и повеќегодишниот заеднички настап во мисијата ИСАФ во Авганистан, соопшти Министерството за одбрана.