Советот на министри на ЕУ одлучува за Извештајот на Комисијата за Македонија
Советот на министри на Европската унија денеска првпат ќе одлучува дали Македонија ќе добие датум за почеток на пристапните преговори со Унијата, по позитивниот Специјален извештај издаден минатата недела од страна на Европската комисија, објави Македонската информативна агенција.
Според најавите, на состанокот во рамки на Советот за општи работи (ГАК) во Луксембург, министрите за надворешни работи на 27-те земји-членки на ЕУ првпат ќе се соочат со македонското прашање откако пред декемврискиот Самит на Европскиот совет донесоа заклучок дека преговорите за членство на Македонија ќе бидат отворени ако земјата покаже успех во Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) и добрососедството со Бугарија и Грција.
Според агендата на дешениот состанок на ГАК, главна тема на разговор на шефовите на дипломатиите ќе биде Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) за периодот 2014 - 2020 година.
Според агендата која ја најавија Ирците, Советот на министри ќе расправа и по извештајот на Комисијата за Македонија, како и за успехот од преговорите Белград-Приштина и за иницијативата за демократија, човекови права и владеење на правото.
Според најавите, состанокот на ГАК зпаочнува во 10 часот, а за три часа подоцна е закажана прес-конференција на која министерката за европски прашања на Ирска, Лусинда Крејтон, треба да ги каже заклучоците од расправата.
Извори од ЕУ најавуваат дека денеска само ќе се нотира извештајот на комесарот за проширување Штефан Филе за Македонија, Србија и Косово, додека првите одлуки ќе се носат идниот месец на состаноци на амбасадорите на земјите-членки на Унијата (т.н. КОРЕПЕР група), а клучниот заклучок ќе го донесе Советот за општи работи во јуни, неколку дена пред јунскиот Самит на Европскиот совет.
МИА