Министерката Канческа-Милевска се сретна со амбасадорот на Ирска, Џерард Кор

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во просториите на Министерството се сретна со Џерард Кор, амбасадор на Ирска во Букурешт, кој е надлежен и за Република Македонија.

На средбата беше потенцирано дека Министерството за култура на Република Македонија е заинтересирано за проширување и интензивирање на културната соработка со Ирска, а беше разгледана и можноста за потпишување правен документ со кој формално би се регулирале односите во областа на културата меѓу двете земји, соопштија од Министерството за култура.

Министерката подвлече дека потпишувањето на еден ваков документ ќе придонесе за развивање на соработката во областа на културата. Канческа-Милевска и Џерард Кор се согласија дека е потребна поголема размена на уметници кои би учествувале на значајни културни манифестации во Македонија и во Ирска.

На средбата министерката Канческа-Милевска го запозна амбасадорот Кор и со инвестициите на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура, како и за соработката во сите дејности во културата, стои во соопштението. 

15.10.2014 - 16:43


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега