Кој пол е вашиот мозок?

Митовите за разликите меѓу машкиот и женскиот мозок никогаш не умираат, а еден од најпопуларните е тој дека жените не можат да бидат успешни во математикатата и електротехниката. Некои научници тврдат дека машкиот мозок е посистематичен, додека женскиот е подобар во емпатијата. 

Сепак, ниту една студија не ги поткрепила тие идеи. 

Психологот од Универзитетот Кембриџ Сајмон Барон Коен ја опишал својата теорија за разликите меѓу машкиот и женскиот мозок во книгата The Essential Difference.

Тој пишува дека мажите природно се одредени за водечки позиции и моќ. Тие се родени ловци, трговци, трпат самотија, користат агресија и достигнуваат и ги одржуваат моќните улоги. 

Од друга страна, жените се специјализирани за пријателства, мајчинство, муабетење и анализирање на партнерите. Тој смета дека тие се толку фокусирани на другите што не се заинтересирани за откривање на тоа како функционира светот. 

Барон Коен своите идеи ги темели на студии кои ги спроведувал на новороденчиња, машки и женски. Тој тврди дека машките повеќе ги следат движењата, додека женските бебиња гледаат во лицето. 

Врз основa на неговите студии магазинот Парентс ги информирал своите читатели дека девојчињата повеќе сакаат кукли од коцки и други играчки, затоа што повеќе внимание обрнуваат на луѓето, додека машките повеќе се заинтересирани за механички објекти. 

Меѓутоа, неговата студија имала многу недостатоци, што речиси целосно е ирелевантна. Нејзините резултати не успеал да ги повтори ниту еден друг истражувач, па ниту самиот Барон Коен. Зошто?

На експериментот му недостасувале контролни групи кои би служеле како референтно тело за експерименти. Исто така, децата за време на испитувањата седеле во скут на родителите и имале прилика да видат активно лице или неподвижен предмет. Бидејќи бебињата не можат самостојно да ја држат главата исправено, нивните визуелни преференции главно биле одредени со тоа како ги држат родителите. 

Долгата листа на литература е во спротивност со откритијата на Барон Коен и покажува дека и машките и женските бебиња подеднакво реагираат на луѓето и објектите. 

Сепак, идеите во предностите на машкиот мозок се уште опстојуваат и претставуваат пречка за девојчињата кои можеби ги привлекуваат природни науки. 

Родителите рано почнуваат да ги насочуваат децата врз основа на нивниот пол, многу пред да стигнат во училниците. 

Ниту во училиштата состојбата не е подобра. Истражувањата покажале дека наставниците по математика за ученици од шесто одделение веруваат дека машките се подобри во математика од девојчињата, дури и кога децата покажувале исти резултати на тестовите. 

Родителите исто така имале помала доверба во ќерките на таа возраст, отколку во синовите, независно од нивниот успех во училиштето. 

Очигледно е дека и наставниците и родителите често ја игнорираат реалноста која е пред нив и наместо тоа гледаат стереотипи. 

Сето тоа се пренесува и на децата. Учениците од 3 и 4 одделение подеднакво ја сакаат математиката, без оглед на полот. Меѓутоа, од 5 и 6 одделение, девојчињата почнуваат да губат интерес. 

Дали разликите во структурата на мозокот ја објаснуваат оваа појава? Не. 

Лиса Елиот, професор по неврологија на Универзитетот во Чикаго спроведе опсежен преглед на научната литература за човековиот мозок од периодот на детството до адолесценцијата и заклучи дека постојат изненадувачки малку докази за разликите во структурата на мозокот на машките и девојчињата. 

Всушност, во детството мозокот има најдобри способности за учење и промена. Тоа е најлошо време некого да изложите на стереотипи. 

Елиот истакнува дека постои огромна опасност од претерување во истакнување на разликите меѓу половите, посебно во поглед на очекувањата на родителите, научниците и самите деца. Малите деца можат да го менуваат однесувањето во нагорна или надолна линија во зависност од тоа што ние мислиме за нив, а што повеќе ги разгледуваме разликите меѓу машките и девојчињата, такви стереотипи ќе се кристализираат во детската самоперцепција и предвидувањата за сопствената иднина. 

Во една дисциплина машките константно покажувале подобри резултати од женските – во менталната ротација. Се работи за способност да замислите како објектите ќе изгледаат кога ќе ги ротирате во дводимензионален или тродимензионален простор. 

Некои сметаат дека машките мозоци се предвидени за вакви задачи, затоа што во Каменото време мажите морале да фрлаат копја и да ловат животни. Меѓутоа, тогаш и жените убивале помали животни и ловеле птици. 

Вистинската причина е таа што машките во детството играат игри како фудбал, а девојчињата не. Една студија покажала дека машките подобро фрлаат топка со доминантната рака од девојчињата, но дека во фрлањето со другата рака не постојат никакви разлики. Ако само биологијата ги одредува способностите за фрлање, тогаш машките би покажале подобри резултати во двата случаи. 

Значи, вежбата, а не предодредената способност, ги претвора машките во подобри фрлачи и поуспешни во менталната ротација. 

Играњето на компјутерски игри кои вклучуваат следење исто така создаваат супериорни способности на менталната ротација. 

Еден канадски истражувачки тим ги испитал разликите во овие способности, така што на машките и девојчињата им дал да играат такви видео игри. 

Машките очекувано имале подобри резултати, но научниците овозможиле 10 часа вежбање на послабата група, додека другата не го поминала тој тренинг. 

Потоа, разликите во способноста на менталната ротација била незначителна меѓу машките и женските. 

Кога истражувачите по шест месеци уште еднаш ја провериле способноста на истите испитаници, се покажало дека групата која добивала тренинг ја задржала високата позиција. 

Вистина е дека за мозокот се повеќе дознаваме со развојот на технологијата. Сега навистина можат да се најдат разлики во мозокот на мажите и жените, но тие ретко кога се големи. 

Структурната разлика не значи ништо, ако не се докаже дека таа има последици по конкретните способности на лицето. 

Научниците со години сметале дека големината на мозокот е важна за интелигенцијата и дека затоа мажите наводно се попаметни од жените. Иако грешеле, тоа жените со векови ги држело подалеку од универзитетите. 

Корделија Фајн митовите претворени во научни откритија ги гледа како опасна пропаганда која има за цел да ги дискриминира жените. 

Во својата книга Илузија за родот, таа најголем број на популарни теории за разликите меѓу половите ги нарекува невросексизам. Таа забележува дека идејата за предодредена разлика меѓу половите многу писатели ја претставуваат како факт. За жал, тезите за тие разлики поттикнуваат полови стереотипи кои влијаат на однесувањето на луѓето. 

14.10.2014 - 11:32


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега