Циклонот Худхуд усмрти најмалку 24 лица

Бројот на загинати од моќниот циклон Худхуд, што го зафати источното крајбрежје на Индија, достигна 24 лица.

Бурата во меѓувреме ослабна и се движи кон внатрешноста на копното, оставајќи зад себе урнатини и стравувања дека поројните дождови можат да предизвикаат поплави.

Во пристанишниот град Висакхапатнам, со население од два милиона лица, почна расчистувањето на искорнатите дрвја, кои ги блокираа патиштата, а се работи на обновата на електродистрибутивните и телекомуникациските мрежи.

На бензиските станици се формираа огромни редици, затоа што тие два дена беа затворени.

Жители на некои населени места панично складираат млеко, свеќи и керозин.

Има малку отворени продавници, а училиштата и многу канцеларии втор ден по ред останаа затворени заради лошите телекомуникациски врски и недостигот на електрична енергија.

Официјални претставници на државата Андра Прадеш соопштија дека според првичните податоци илјадници куќи се оштетени, а во четири окрузи има големи оштетувања на насадите со банани и шеќерна трска и на оризовите полиња.

Десетици илјади лица веќе трета ноќ престојуваат во засолништа, затоа што нивните куќи се оштетени или заради недостигот  на храна и вода за пиење во нивните села.

Властите во Висакхапатнам информираа дека 19 хеликоптери им доставуваат пакети со храна и вода на наостраданите во стихијата. 

13.10.2014 - 19:59


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега