Едночасовен застој на Деве Баир поради протест на граѓаните на Ќустендил

На граничниот премин Деве Баир-Ѓуешево, на македонско-бугарската граница, денеска имаше едночасовен застој за влез на возила во Македонија, поради блокадата што ја организираа општина Ќустендил и граѓаните, во знак на протест заради добиен пратенички мандат на кандидатот од партијата на Турците, Движење за права и слободи(ДПС).

Според информацијата на македонските гранични служби, протокот на нашиот премин се одвивал нормално, со исклучок на влез во Македонија, поради стопираниот сообраќај од бугарска страна.

Службениците од бугарскиот премин Ѓуешево, морале да воспостават посебен режим за возилата и патниците заради најавената блокада.

Незадоволните граѓани од Ќустендил во колона од околу 500 и повеќе возила го блокираа меѓународниот пат кон Македонија, кај селото Жилинци. Тие протестираат затоа што кандидатот на ДПС, Александар Методиев, познат како Бат Сали, само со 864 гласа освоил пратенички мандат за новото Народно собрание, наспроти огромното мнозинство гласови за другите политички партии од Бугарија, што се добиени на предвремените парламентарни избори од 5 октомври.

- Оваа партија одлучила да ги собере своите гласови од повеќе региони, како и од иселениците од странство, и да ги концентрира во Ќустендилската област. Иако, тоа е според Изборниот законик, сепак е недопустливо и не ја одразува вистинската волја и изборот на граѓаните, велат незадоволните граѓани од бугарски Ќустендил.

Тие формираа и Организационен одбор за петиција „Не на замената на гласови, не на избраните пратеници“, која досега ја потпишале над 5.000 граѓани и онлајн уште над илјада поддржувачи од голем број земји од странство.

Доколку Централната изборна комисија не донесе поинакво решение и не го суспендира изборот на Бат Сали за пратеник, граѓаните од овој пограничен град најавија нови протести со блокади на меѓународниот пат кон Македонија, како и протести пред Народното собрание во Софија.

13.10.2014 - 17:46


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега